
Книгата „Дневникот на еден затвореник“ на поранешниот француски претседател Никола Саркози, во која тој го опишува затворот каде што поминал помалку од три недели, е продадена во речиси 100.000 примероци за помалку од една недела, објави денес издавачката куќа „Фехар“, нарекувајќи ја „феноменален успех“.
„Број 1 меѓу најпродаваните книги. „Дневникот на еден затвореник“ достигнува 98.610 продадени примероци, само неколку дена откако се појави во книжарниците. Феноменален број 1“, соопшти издавачката куќа во соопштение на мрежата X, врз основа на податоци од Институтот NielsenIQ GFK за книжевниот пазар, пренесува BFM.
Делото од 216 страници, кое е во продажба од 10 декември, беше објавено точно еден месец откако поранешниот шеф на француската држава беше ослободен под судски надзор откако беше држен во парискиот затвор „Ла Санте“ од 21 октомври.
Саркози започна кампања за промоција на својата книга, првенствено во Париз, Марсеј и Ментон.
Во книгата, седумдесетгодишниот Саркози вели дека неговиот цврст став кон криминалот добил сосема нова перспектива откако бил осуден за соработка со нелегалното финансирање на претседателската кампања во 2007 година со пари од Либија.
Судот го осуди на пет години затвор во септември, но тој поднесе жалба и беше ослободен под судски надзор по само 20 дена зад решетки.
Книгата дава редок поглед во животот меѓу ѕидовите на парискиот затвор „Ла Санте“, каде што Саркози беше држен во самица и строго изолиран од другите затвореници од безбедносни причини.











