Во првата половина од годинава, во буџетот на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини влегле 520 милиони денари од наплатени концесии за експлоатација на минерални суровини. Само во вториот квартал од оваа година наплатата достигнала рекордни 260,4 милиони денари. Ова претставува значително зголемување во однос на тој период во 2024 година, кога беа наплатени 133,6 милиони денари.
– Овој успех следува по исклучителните резултати во првиот квартал од 2025 година, кога беа наплатени 260,3 милиони денари, што е повеќе од двојно во споредба со 110,6 милиони денари во првиот квартал од 2024 година. Збирно, за првите шест месеци од 2025 година, Министерството остварило наплата од над половина милијарда денари, што е историски успех во управувањето со природните ресурси на Република Македонија – нагласуваат од МЕРМС.
Оттаму очекуваат да расте овој број со оглед на фактот што се испратени опомени до концесионерите што сè уште не ја регулирале обврската да го сторат тоа во рокот.
– Овие резултати се поради засилените инспекциски контроли – редовни и вонредни теренски проверки за обезбедување усогласеност со законските обврски. Исто така, испратено е предупредување до концесионерите за навремено намирување на обврските, со едностран раскин на договорите со оние што не ги почитуваат законите. Во тек се постапки за раскин на уште десетина договори – нагласуваат од МЕРМС.
На 1 јануари годинава беше воведен нов тарифник, кој ја зголеми висината на надоместоците до 100 %, обезбедувајќи правична вредност за користење на природните ресурси. При тоа, зголемен е надоместокот за користење на просторот за експлоатација за околу 30 проценти, а надоместокот за експлоатација на мермер сега е 5 % од приходот од продадената суровина.
– Зголемен е и надоместокот за метални минерални суровини од 2 на 4 %, што е просечно зголемување над 100 % за неметалични минерални суровини. Овие измени не се однесуваат на енергетските минерали како јаглен, со цел да се заштитат граѓаните од дополнителен притисок врз цените на електричната енергија – потенцираат од МЕРМС.
Зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде што работат концесионерите, како и на државниот буџет.
– Овие средства се инвестираат во изградба и одржување на комуналната инфраструктура, во проекти за енергетска транзиција и одржлив развој и во иницијативи за заштита на животната средина. Овие резултати се доказ за нашата определба да ги зајакнеме економските придобивки од експлоатацијата на минералните суровини, истовремено обезбедувајќи одржлив развој и поддршка за локалните заедници – велат од МЕРМС.