Од акционерското друштво известуваат дека екипи од нивната Служба за одржување далноводи, во текот на вчерашниот ден, вршеле активности за расчистување на коридорот на 110 kV далновод број 101/1, ТС Скопје 1 – ТС Скопје 4. – Овие активности се неопходни и се спроведуваат со цел да се обезбеди стабилно и сигурно напојување на електроенергетската мрежа – велат од АД МЕПСО
Жители од Хиподром 2 се пожалија дека во нивната населба, поточно во рекреативниот центар „Хиподром“ на територијата на Општина Гази Баба, наголемо се сечат дрвја.
– Се сече огромен орев и имаат исечено над 20 дрвја – реагира жител на Хиподром 2.
Жителот ја упатува оваа констатација до „Зелените од Гази Баба“, до Јавното комунално претпријатие „Гази Баба 2007“, како и до Инспекторатот на Општина Гази Баба, за да реагираат и за да испитаат за што станува збор.
Од „Зелените од Гази Баба“ информираат дека, по пријава од граѓани, било посетено местото во рекреативниот центар „Хиподром“, каде што се вршела сеча на повеќе здрави дрвја.
– Таму затековме претставници на Инспекторатот на Општина Гази Баба, веднаш реагираа по јавувањето. По кажување на очевидци, МЕПСО го чистело теренот под далноводите. Побарано е од Инспекторатот да испрати допис до МЕПСО и да го провери Правилникот за сечење и отстранување на вегетацијата под далноводите – велат од „Зелените од Гази Баба“, додавајќи дека се поставува прашањето, бидејќи тие далноводи и дрвја се стари десетици години, зошто се постапува сега и дали се почитуваат законските регулативи.
Граѓаните се видно вознемирени и се во паника, бидејќи, како што велат, немаат никакво известување за вакви активности.
– Ако е точно ова дали, се нормални при загаден воздух да ги сечат дрвјата. Дефинитивно ќе умреме предвреме, жално за децата – коментира жителка на Хиподром 2.
Од АД МЕПСО известуваат дека екипи од нивната Служба за одржување далноводи, во текот на вчерашниот ден, вршеле активности за расчистување на коридорот на 110 kV далновод број 101/1, ТС Скопје 1 – ТС Скопје 4.
– Овие активности се неопходни и се спроведуваат со цел да се обезбеди стабилно и сигурно напојување на електроенергетската мрежа. Сечењето дрвја се врши исклучиво во коридорот на далноводот и согласно со законските обврски и дозволи – децидни се од МЕПСО.
(А. П.)