И покрај тоа што пред неколку дена беше најавено дека од 1 јануари ќе почне да се применува владината просечна потрошувачка кошница, сепак, тоа нема да се случи. Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, појасни дека методологијата на новата просечна потрошувачка кошничка е испратена до синдикатите и работодавачите, од кои се чекаат евентуални предлози или критики.
– Направена е методологија за пресметка на просечна потрошувачка кошница и на минатата седница на Економско социјален совет беше доставена до сите членови и чекаме да ги достават нивните забелешки и предлози. Методологијата се базира на податоци од релевантни институции и не ја оспорува минималната синдикална кошница. Ние направивме една посеопфатна методологија која ќе ни покаже колку е просечната потрошувачка кошница на четиричлено семејство. Кога ќе добиеме повратна информација од синдикатите и од работодавачите, ќе ја поставиме како точка на дневен ред на седница на ЕСС, изјави Дурмиши.
Тој додаде дека доколку не добијат одговор од синдикатите и од работодавачите, ќе почнат да ја објавуваат кошничката секој месец, која, како што рече, е одраз на реалните потреби на граѓаните.
Министерот Дурмиши рече дека нема да има новогодишна кошница, а нема да има мерки за ограничување на цените бидејќи прехранбените производи не биле многу покачени.
-Кога имаше девијантно однесување од страна на трговците преземавме мерки кои беа краткорочни решенија. Засега нема потреба од такво нешто, бидејќи нема зголемување на цените на тие производи кои се употребуваат за празниците. Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и прави контроли. Само за 2025 година направени се рекорден број контроли и изречени се казни во вредност од 2,5 милиони евра на трговци кои не го почитувале законот и ги зголемиле цените, изјави Дурмиши.
Според него, причината што не се дозволија повисоки плати е тоа што продуктивноста во државата не е на потребното ниво.
Тој уште еднаш го повтори ставот дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но нема простор за нејзино енормно зголемување, оти тоа ќе им нанесе финансиски тешкотии на малите и на средни претпријатија и на трудоинтензивните дејности.
–Сè што ќе договорат синдикатите и работодавачите ќе го почитуваме, но нема шанси за вонредно зголемување на минималецот. Тој во март ќе порасне согласно со законската формула, за која впрочем се изјаснија сите социјалните партнери. Нашата цел е стабилна економија и реален пораст, кој се темели на продуктивноста, која за жал не е на потребното ниво за да дозволи повисоки плати, појасни министерот.
Министерот Дурмиши најави силна економска агенда на Министерството за економија и труд во 2026 година и пред сè, старт на два многу важни економски закони Законот за вработување на сезонски работници и Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
–Од први јануари стартува Законот за вработување на сезонски работници, со кој пензионерите и студентите ќе можат да работат сезонски без да ги загубат своите социјални права. Се надеваме дека на овој начин ќе се намали сивата економија на пазарот на трудот и многумина ќе прејдат во легалната сфера. Од први јануари, исто така, стартува и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кој ќе отвори повеќе работни места и ќе овозможи економски пораст кој се базира на продуктивност. Со овој закон се уредуваат видовите, висината, условите, начинот и постапката за доделување на финансиска поддршка на инвестициите на деловните субјекти кои ќе инвестираат во државава, со шема на помош согласно прописите со кои се уредува контролата на државната помош, рече Дурмиши.
Тој појасни дека Министерството за економија ќе води евиденција за склучените договори за доделување на финансиска поддршка и еднаш годишно ќе доставува извештај до комисијата за заштита на конкуренција.
(А. С.)












