„Имам два сина, мене ВМРО-ДПМНЕ ми е, буквално, како трето дете. Но, да, ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, доколку ја добијам поддршката од делегатите. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот“, вели актуелниот партиски лидер и премиер Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
В сабота во Кавадарци владејачката ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи редовен изборен конгрес. На конресот се очекува реизбор на Мицкоски за лидер на партијата.
Тој вели дека нема информација дека ќе има и втор кандидат за челната партиска позиција.
„Па, тоа е еден континуитет што започна кога беше валандовскиот конгрес. Јас официјално партијата ја презедов на почетокот на 2018 година во една многу тешка и сложена ситуација, во многу тешки и сложени околности за Македонија и генерално за граѓаните. Ако мојот прв мандат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ го одбележа времето на консолидирање, реструктуирање и прегрупирање на внатрешните редови, потоа тоа продолжи во вториот мандат кога партијата победи убедливо на парламентарните и на претседателските избори. На крајот од првиот мандат победивме убедливо на локалните избори и враќање во позиција во која денеска се наоѓаме, ВМРО-ДПМНЕ да биде најголемата политичка партија и веќе еве година и половина носител на владата. Очекувам третиот мој мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ да го одбележи периодот на големи реформи и подобар живот за граѓаните во држават“, рече Мицкоски.
На прашањето дали по конгресот се планирани промени во раководството на партијата, на пример, дали евентуално се планира промена на позицијата генерален секретар, Мицкоски одговори дека сè уште не размислувал за тоа.












