38-годишна жена е обвинета за учество во грабежот на векот во парискиот музеј Лувр минатиот месец, во кој беше украден крунски накит во вредност од 88 милиони евра.
Таа е обвинета за учество во организирана кражба и криминално здружување, објави Би-Би-Си. Таа се појави пред судија кој одлучува за нејзиното притворање, а француските медиуми објавија дека таа со солзи во очите потврдила дека живее во северното париско предградие Ла Курнев. На барање на обвинителот, сослушувањето продолжи зад затворени врати.
Жената, чиј идентитет не е објавен, беше уапсена претходно оваа недела со уште четири лица. Двајца мажи претходно се уапсени и обвинети за кражба и криминален заговор откако службените лица открија дека „делумно признале“ за нивната вмешаност во грабежот.
Накит во вредност од 88 милиони евра беше украден од галеријата Аполо во најпосетуваниот музеј во светот на 19 октомври. Крадците упаднаа во Лувр во недела наутро и избегаа со непроценлив накит за само неколку минути.
Меѓу уапсените е и 34-годишен алжирски државјанин кој живее во Франција, кој е идентификуван благодарение на ДНК трагите пронајдени на еден од скутерите што се користеле за време на бегството. Друг осомничен е 39-годишен нелиценциран таксист од париското предградие Обервилие.
Двајцата се осомничени дека провалиле во галеријата додека двајца други асистенти чекале надвор.
Крадците додека бегали им испаднала круната од дијаманти и смарагди што некогаш ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III. Сепак, крадците успеале да избегаат со уште осум парчиња накит што сè уште не се пронајдени.
Меѓу нив се и ѓердан од смарагди и дијаманти што Наполеон I го дал на неговата втора сопруга, царицата Мари-Луиз, и тиара што некогаш ѝ припаѓала на царицата Евгенија, украсена со речиси 2.000 дијаманти.
Грабежот откри безбедносни пропусти во најпосетуваниот музеј во светот и многумина го сметаа за национално понижување.
Обвинителите во среда изјавија дека не ја исклучуваат можнсота дека се работин за поголема банда, вклучувајќи ја и можноста за постоење на лице кое ја нарачало кражбата и било мозокот на операцијата.












