Скопското обвинителство поднесе обвинение против сопствениците на отпадот за хаварисани возила во Визбегово, кои го нарушуваа јавниот ред и мир додека нивната депонијата гореше и го загади цело Скопје, а нападнаа и новинарска екипа. Ќе одговараат за кривичното дело – Спречување службено лице во вршење службена должност од Кривичниот законик.
Во соопштението на скопското обвинителство стои дека на 9 јули, во Визбегово, во близина на отпад за старо железо на улицата „Индира Ганди” во Скопје, обвинетите маж и жена заедно, со употреба на сила ги попречиле оштетените новинар и снимател на ТВ АлсатМ додека известувале за пожарот на отпадот. Новинарот и снимателот, со телевизиски беџови, пристигнале на локацијата за да снимаат прилог, но двајцата обвинети најпрво им кажале дека не смеат да снимаат без дозвола затоа што отпадот бил нивен приватен имот.
Кога телевизиската екипа, сепак, продолжила со вршење на нивната службена дејност, најпрво жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за врат и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да го заштити снимателот и опремата и започнал да снима со мобилен телефон. Но, обвинетата му се навртела и нему па го удрила со нога, му го удрила телефонот во раката и му го земала од земја. Во тој момент пристапил и нејзиниот сопруг со закани и навреди, па на новинарот му удрил шлаканица и го избркал од местото.
Јавниот обвинител до Скопскиот кривичен суд доставил и предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата. Во исто време, како што соопштија од обвинителство продолжува и предистражната постапка во однос на настанатиот пожар на отпадот и последиците од него. Надлежниот јавен обвинител и деновиве прави увид на депонијата.
До Основното јавно обвинителство Скопје се доставени и резултатите од мерењата на токсичните материи во воздухот во Скопје непосредно по пожарот што по барање на надлежниот јавен обвинител ги изврши специјален тим од четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана на АРМ.
Тие резултати се анализираат, а во меѓувреме се преземаат и други дејства со цел да се испитаат сите сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи, стои во соопштението на ОЈО Скопје.