Инфлацијата во октомври повторно се искачи и на годишно ниво достигна 4,5 проценти, а цените на мало пораснаа за 2,8 проценти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Најголем дел од буџетот на граѓаните оди за храна, чија цена за една година е зголемена за 7 проценти, додека алкохолот и тутунот поскапеле за 6,7 проценти, а мебелот и опремата за домаќинствата за 4,7 проценти. Најголем годишен пораст има кај индустриските прехранбени производи – 7,5 проценти, како и кај прехранбените производи воопшто – 6,7 проценти. Земјоделските производи поскапеле за 4,3 проценти, а пијалаците за 1,4 проценти. Индексот на цените на мало месечно е зголемен за 1,3 проценти. Граѓаните се жалат дека дел од храната веќе е луксуз, особено за оние мали плати и пензии. Некои видови сирење, кашкавал, сувомесни производи… веќе одамна не можат да си ги дозволат.
Народна банка ја ревидира стапката на пораст на инфлацијата од 3 на 3,9 отсто, а и очекувањата на премиерот Христијан Мицкоски се дека годинава ќе ја завршиме со околу 4 отсто стапка на инфлација.
– Очекуваме инфлацијата овој месец да биде нешто поголема бидејќи таа беше многу ниска минатиот октомври, поради мерките што тогаш ги презедовме. Значи базата е ниска, но во рамките на 4 односно 4,5 отсто. Годишната за 2025 година очекувам да биде меѓу 3,5 и 4 отсто, а следната година да биде меѓу 2 и 3 отсто. На тој начин планираме да ги поставиме нашите проекции – рече Мицкоски.
Инаку, со ребалансот на буџетот во јуни годинава проекцијата на Владата беше дека инфлацијата ќе изнесува 2,8 отсто. Последната информација од ССМ за минималната кошничка покажа дека за еден месец живејачката поскапела за 500 денари, односно за набавка на основните животни потреби на едно четиричлено семејство му биле потребни 65.500 денари, а најмногу пари биле потребни за набавка на храна 23.770 денари.
Од опозицискиот СДСМ велат дека инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3 отсто.
– Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите што не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат сè помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад порастот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдаат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, пораст на инфлацијата и пад на животниот стандард, стои во соопштението од СДСМ.











