На два месеца кога Градоначалникот на општина Карпош и неговата администрација треба да се преселат во новата зграда која се наоѓа булеварот во Карпош 3, Основниот кривичен суд денеска во пресудата против Стевчо Јакимовски освен затворската казна за него во траење од три години и шест месеци, одлучи објектот да и го предаде на државата.
– Согласно член 244-а став 6 од Кривичниот законик, изградената недвижност деловен објект – административен објект на Локалната Самоуправа која се наоѓа на КП.бр.612 за КО Карпош, на ул.„Радика“ бр.9, Барака 1 и 2, се одзема во корист на Република С. Македонија, стои во соопштението на Судот.
Стевчо Јакимовски на кому му се судеше повеќе од шест години, денеска беше прогласен за виновен за две кривични дела. За бесправно градење на општинската зграда, му беше досудена затворска казна од една година, а за делото злоупотреба на службената должност треба да лежи затвор три години.
– Со оглед дека на обвинетиот С.Ј му се суди истовремено за две кривични дела, судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор, соопштуваат од судот
Судот го осуди на условна казна поранешниот вработен во општината Карпош Т.Ѓ, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Двајцата обвинети солидарно треба да ја надоместат штетата и имаат право на жалба.
Според обвинението, во периодот од 2011 до 2017 година, како службено лице – градоначалник, Јакимовски во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на Македонија.(П.А.)