За германските туристи поевтин е одморот во Македонија и во земјите од регионот отколку оној дома!

862

За германските туристи, одморот во многу европски земји е поевтин отколку дома. Хрватска е меѓу најевтините за нив, но цените на туристичките услуги на другите дестинации од нашиот регион се уште попристапни за жителите на Германија.

Според неодамна објавените податоци на германскиот Сојузен завод за статистика, најниско ниво на цените во март било забележано во Албанија и во Северна Македонија.

Таму, во просек, нивото на цените за посета на угостителски објекти и за престој во хотел било за 52 отсто пониско отколку во Германија. Бугарија, исто така, е евтина и за Германците, со ниво на пониски цени од 51 отсто.

Хрватска е меѓу последните на листата, цените на туристичките услуги таму биле за 14 отсто пониски отколку во Германија. Ова е статистиката за март, па можно е да се промени ценовниот однос со вообичаеното поскапување на почетокот од сезоната. Според последните податоци на Сојузниот завод за статистика, во март, за германските граѓани било поевтино отколку дома во Црна Гора (-42 отсто), Португалија (-35 отсто), Турција (-31 отсто) и на Малта (-30 отсто). Земјите како Шпанија (-25 отсто), Грција (-22 отсто) и Кипар (-21 отсто), исто така, се меѓу најевтините.

Од јужноевропските дестинации, најскапа е Италија, но за Германците, сепак, е за шест отсто поевтино таму отколку кога ќе одлучат да летуваат во својата татковина.

Во Австрија, трошоците биле исти како во Германија. За разлика од нив, луѓето во Холандија плаќале седум отсто повеќе, во Луксембург девет отсто, а во Белгија единаесет отсто повеќе. Во Данска, туристичките услуги биле за 28 отсто поскапи од Германија, а рекордер е Швајцарија со 52 отсто.

Но, иако германските туристи веруваат дека многу европски дестинации се поевтини за одмор отколку дома, сепак повеќето се одлучуваат да летуваат во својата татковина. Според 41. германска туристичка анализа, за која Фондацијата за идни прашања анкетирала 3.000 луѓе, речиси една третина од испитаниците (29 отсто) планираат одмор во својата земја.

Хрватска со 1,3 отсто се најде на деветтото место. По Германија, најпопуларни туристички дестинации за испитаниците во 2025 година се: Шпанија (8,1), Италија (5,9), Турција (4,5), Скандинавија (4,3), Грција (3,6), Австрија (2,1) и Франција (2,0).

Според анализите на германскиот туризам, две третини од германското население планира најмалку едно патување оваа година. Интересно е и тоа што само 13 отсто од испитаниците сакаат повторно да го посетат истото место. Огромното мнозинство е отворено за нови туристички дестинации.

Во анализата се наведува и дека Германците, минатата година, на главниот одмор потрошиле, во просек, по 1.544 евра за човек. Испитаниците потрошиле најмногу пари на одмор во Шпанија (1.843 евра) и во Скандинавија (1.728 евра), а најмалку на одмор во земјите од Бенелукс (1.006 евра), Австрија (1.176 евра) и во Хрватска (1.314 евра).

Просечните дневни трошоци за туристички патувања се намалени за седум евра во однос на претходната година и сега изнесуваат 122 евра. Според податоците на германската анализа на туризмот, тие најмногу пораснале за одмор во Хрватска, во просек по 16 евра дневно.

ИЗДВОЕНИ