За ЕУ се спорни четири точки од планот на Трамп за Украина

0
EPA/GRAEME SLOAN / POOL

Лидерите на водечките земји-членки на ЕУ денеска на состанокот во Женева со американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот претставник Стив Витхоф ќе објават дека не се согласуваат со најмалку четири точки од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп, објави „Билд“ во саботата.

Според германскиот весник, повикувајќи се на свои извори, првиот проблем за Европејците е предлогот за признавање на суверенитетот на Русија над некои украински територии, вклучувајќи ги и стратешки важните региони како што се Крим и Донбас.

Покрај тоа, Европската Унија не може да го прифати предлогот за ограничување на бројот на припадници на украинската армија на 600.000, бидејќи веќе има неспоредливо помалку војници од руската армија, објавува „Украинска правда“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, сака јасно да му стави до знаење на тимот на Трамп дека безбедносните гаранции што Русија треба да ѝ ги обезбеди на Украина би можеле да се покажат како безвредни.

Она што особено го иритира Мерц, објавува „Билд“, се плановите на Трамп во врска со замрзнатите руски средства, во вредност од околу 300 милијарди евра, бидејќи германскиот канцелар е еден од водечките застапници ЕУ да искористи значаен дел од овие средства за да ѝ обезбеди на Украина заем од 140 милијарди евра, кој би бил вратен само ако Русија плати за воените штети.

Претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер, исто така, повика на значајни измени во мировниот план на САД и рече дека ова не се однесува само на Украина, туку и на безбедноста на цела Европа.

„Постојат три прашања. Прво, Украина мора да може суверено да одлучи дали да отстапи територија и ова не смее да ѝ се наметнува. Второ, Украина мора да биде воено зајакната, а не ослабена, и трето, мора да ја претвориме ЕУ во европски НАТО, бидејќи повеќе не можеме безусловно да се потпираме на САД“, рече Вебер.

ИЗДВОЕНИ