На 1 октомври ќе има линеарно зголемување на пензиите за 1.036 денари за сите категории на пензионери, а напролет ќе се зголемат за уште толку. – Со тоа ќе се заокружи инвестицискиот циклус и зголемувањето на пензиите за пензионерите, линеарно во вкупен износ по пензионер од 7.000 денари – истакна премиерот Христијан Мицкоски. Ова е трето покачување на пензиите за една година. Во септември, лани, тие беа зголемени за 2.500 денари, а за ист износ пензиите се зголемија и во март годинава. Покачувањето на пензиите на два пати по 2.500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1.000 денари, според директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов, во денешни услови е оправдано заради подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија.
– Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа мора да има и зголемување на пензиите – истакна Мемов. Согласно со измените на Законот за пензиско и за инвалидско осигурување, зголемување на пензиите не им следува на пензионерите што живеат во странство. Според пресметките, станува збор за околу 12 илјади лица
На 1 октомври ќе има линеарно зголемување на пензиите за 1.036 денари за сите категории на пензионери, а напролет ќе се зголемат за уште толку.
– Со тоа ќе се заокружи инвестицискиот циклус и зголемување на пензиите за пензионерите, линеарно во вкупен износ по пензионер од 7.000 денари. Тоа практично ги надминува оние 5.000 што ги зборувавме за време на кампањата – најави премиерот Христијан Мицкоски.
Ова е трето покачување на пензиите за една година. Во септември, лани, тие беа зголемени за 2.500 денари, а за ист износ пензиите се зголемија и во март годинава.
Фондот на ПИОМ, согласно со законските прописи, поднесе Буџетско барање до Министерството за финансии за 2026 година за зголемен буџет во вкупна вредност од 149,38 милијарди денари, што е за 13 милијарди денари повеќе од буџетот во 2025 година.
– Ова зголемување е за покривање на трошоците за исплата на зголемените пензии, што вкупно изнесува околу 10,6 милијарди денари и зголемените расходи за придонесот за здравствено осигурување на пензионерите – истакна директорот на ПИОМ, Никола Мемов, во интервју за весникот ВЕЧЕР.
Покачувањето на пензиите на два пати по 2.500 денари, септември 2024 и март 2025 година и последното законско усогласување за септември 2025 и март 2026 година за по 1.000 денари, според Мемов, во денешни услови е оправдано заради подобрување на животниот стандард на пензионерите во Македонија.
– Сведоци сме дека има тренд на пораст на платите и следствено на тоа, мора да има и зголемување на пензиите – истакна Мемов.
Според податоците од Фондот на ПИОМ, вкупниот износ на августовската пензија исплатена во Македонија изнесуваше 8.907.460.635 денари за 338.468 корисници на пензија. Зголемувањето на пензиите од септември по основ на законското усогласување, кое изнесува 1.036 денари на месечно ниво за 340 илјади пензионери ќе изнесува 352,24 милиони денари, или 5,73 милиони евра, а до крајот на годината од буџетот на државата ќе треба да се одвојат дополнителни 17,2 милиони евра.
Инаку, вкупното зголемување на пензиите од минатата година до март 2026 година во износ од 7.000 денари по пензионер за 340 илјади пензионери изнесува 28,56 милијарди денари или 463,63 милиони евра на годишно ниво.
– Тоа значи дека оваа влада кон пензионерите трансферира на нивните лични сметки речиси половина милијарда евра на годишно ниво – нагласи Мемов.
Со линеарното зголемување се заобиколува процентуалното усогласување на пензиите кое, според закон, се прави двапати годишно врз основа на порастот на просечната нето-плата и на трошоците за живот. И токму тоа е причина за критиките што се слушнаа од опозицијата и од дел од експертите. Според нивните пресметки, за голем дел од пензионерите тоа е неповолно, затоа што сметаат дека пензионерите би добиле поголеми покачувања доколку има регуларно усогласување.
Согласно со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, зголемување на пензиите не им следува на пензионерите што живеат во странство. Според пресметките, станува збор за околу 12 илјади лица.
Уставниот суд отвори предмет и разгледува иницијативи против измените на Законот за ПИОМ, со кои пензионерите во странство останаа без зголемувања на пензиите, поради наводна дискриминација и повреда на уставни права. До Уставниот суд се поведени три иницијативи со кои измените се оценуваат како неуставни и дискриминаторски, односно се посочува на нееднаквост меѓу пензионерите.
Првата иницијатива е поднесена од Љубомир Сандевски, кој тврди дека измените создаваат дискриминација и трајна финансиска штета за државјаните на Македонија кои пензиите ги примаат во странство бидејќи се скратени редовните усогласувања. Втората иницијатива е од Илија Ивановски, кој го оспорува условот зголемувањето да важи само за оние што ја примаат пензијата во земјава. И третата е од Темелко Ристевски, кој оспорува конкретни законски одредби заради повреда на повеќе членови од Уставот, укажувајќи на нееднаквост меѓу пензионерите и ограничување на слободата на движење на околу 12.000 лица.
Од Фондот за пензиско и за инвалидско осигурување се изјаснија дека исплатите се вршат според важечкиот Закон. Објаснуваат дека пензионерите во странство го добиле првото зголемување од 2.500 денари во септември 2024 година. Сепак, не го добиле и априлското од 2025, ниту оние планирани за септември 2025 и март 2026. Фондот нагласува дека ќе ги почитува одлуките на надлежните институции и ќе постапува според законските решенија.
(С. Бл.)