Новото Министерство за дигитална трансформација во изминатата една година од работењето обезбеди 120 нови услуги за граѓаните. Министерот Стефан Андоновски потсети дека граѓаните можат онлајн да ги добијат услугите на порталот uslugi.gov.mk, а со измените на Законот за електронски документи, за првпат, правно валидни документи можат да се добијат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или испечатени.

Тој рече дека не се заборавени граѓаните кои немаат пристап до дигитални алатки или немаат вештини, така што во текот на летото, покрај новите три Центри за услуги, ќе се отворат уште најмалку нови три.

– Ја поврзавме државата. Преку платформата за интероперабилност, денес над 70 институции разменуваат податоци во реално време. Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер – институциите започнаа да комуницираат електронски. Исто така, ја зајакнавме заштитата на државните системи. Прво ја донесовме Националната Стратегија за сајбер безбедност после три години вакум. Истата има и буџет, акционен план со одговорности и обврски за сите засегнати –  рече Андоновски.

Во однос на грижата за дигиталната безбедност на децата и младите, Андоновски рече дека Министерството активно работи на воспоставување на националниот Центар за побезбеден интернет MKSafeNet, кој ќе биде прв интегриран национален систем од ваков тип кој ја става безбедноста на најмладите во дигиталниот свет како приоритет од највисок ранг. Тој се осврна и на забраната на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање – што е конкретен резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.

ИЗДВОЕНИ