Природниот карактер на балканските реки се губи со алармантна брзина – за една деценија исчезнале над 2.400 километри недопрени водни патишта, вклучувајќи и делови од Вардар. Главни закани се хидроенергетските проекти, неконтролираното црпење вода и модификациите на речните корита. Експертите предупредуваат дека заштитата на преостанатите диви реки бара итна координирана акција, политичка храброст и одлуки засновани на наука

Балканот забележува алармантен пад на недопрените реки – за повеќе од една деценија, регистрирани се 2.450 километри загубени речни патишта, вклучувајќи и делови од Вардар. Најголеми промени се регистрирани во сливовите на Дрина, Неретва, Вардар, Девол и на Дрим.

Извештајот за хидроморфолошката состојба на реките во 2025 година, нарачан од „Еуронатур“ и од „Ривервоч“ во рамките на кампањата „Спаси го синото срце на Европа“, проценува дека процентот на речиси природни реки се намалил од 30 % во 2012 година на само 23 % во 2025 година. Се зголемиле сериозно изменетите делови, првенствено поради зафаќање и изградба на хидроцентрали, особено во Албанија.

– Долгорочните трендови покажуваат јасен пад на речиси природните речни делови, предизвикан од зафаќање и големи модификации на реките. Иако регионот сè уште има релативно голем удел на недопрени реки, трендовите укажуваат на растечко отстапување од еколошките стандарди потребни за ЕУ – вели д-р Улрих Шварц од „Флувиус“ – Виена.

Албанија, иако успеа да ја заштити реката Вјоса, губи повеќе речни делови отколку која било друга балканска земја.

– Овие наоди треба да послужат како повик за будење за албанската Влада да ги заштити реките во целата земја, не само во еден слив – предупредува Улрих Ајхелман, извршен директор на „Ривервоч“.

Студијата открива дека само 23 % од поголемите реки остануваат речиси природни, додека 43 % покажуваат мали модификации. Умерено до екстензивно изменетите реките сочинуваат 27 %, а сериозно изменетите делови се седум проценти. Главни закани се хидроенергетските проекти, неконтролираното црпење вода и обемната промена на поплавните рамнини.

Експертите повикуваат за итна и координирана акција: заштита на преостанатите недопрени реки преку националното и преку ЕУ- законодавството, проширување на заштитените подрачја, запирање на деструктивниот развој на хидроенергијата, воспоставување систематски мониторинг и обновување на оштетените реки преку мерки базирани на природата.

– Како што продолжуваат реките да го губат својот природен карактер, прозорецот за значајна заштита брзо се затвора. Балканот сè уште ги содржи последните диви реки во Европа, но нивната заштита бара политичка храброст и донесување одлуки засновани на наука – посочува Анет Спангенберг од „Еуронатур“.

Додека регионалните влади се соочуваат со притисокот за развој на хидроенергијата, невладините организации предупредуваат дека забавувањето на деградацијата на реките ќе биде можно само со итни мерки и со меѓународна координација, ако сака Балканот да го зачува своето „синo срце“ за идните генерации.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ