Царината во јули собрала 12 милијарди денари што е нејзин историски рекорд.

– По прв пат ја надминавме недостижната бројка од 12 милијарди денари. Тоа не е само бројка – тоа е пресвртница. Минатата година, во истиот месец јули 2024, наплатата изнесуваше 11 милијарди и 993 милиони денари, или само чекор до неа. Годинава ја надминавме, 5,4 проценти раст или 10,5 милиони евра повеќе од рекордната наплата што ја остваривме тогаш. Тоа значи само едно: Царинската управа постави нови, повисоки стандарди, јасни и високи цели и веќе покажуваме континуитет во работата. Од денот кога го презедовме раководството, поставуваме нови рекорди – истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

Раст на наплатата на приходи има по секој основ:
• Од царина за дури 21,6 %,
• Од ДДВ при увоз за 3,8%,
• Од акцизи за 4,5 %,
• Од данокот на моторни возила за 10,4 %

Премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање поврзано со приходите на Царинската управа, кажа дека главните два потока со кои се полни Буџетот се приходите кои доаѓаат токму од Царинската управа и од Управата за јавни приходи, и оти заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, вели, имаме личен фокус на работењето на овие институции.

– Царинската управа успеа да забележи приходи од над 12,6 милијарди денари, што претставува рекорд во историска смисла што не се случил никогаш од кога постои и покрај одредени високи пикови на горивата и нафтените деривати во минатото и покрај просечната цена кои што ја имаат приходите од акцизата кои што се би рекол помали, бидејќи тие ја следат цената на нафтата и нафтените деривати, Царината успеа да забележи повеќе од 10 милиони евра повеќе од минатата година, бидејќи минатата година во јули месец беше прв месец на новиот менаџмент на Царината и стигнаа негде блиску 12 милијарди, оваа година натфрлија 12,6 или нешто над тоа –  рече Мицкоски по посетата на реконструираната Клиниката за уво, нос и грло.

Премиерот, како позитивна вест за работата на Владата ги соопшти зголемените приходи на Управата за јавни приходи, која што, како што рече, има наплатено милијарда повеќе од истиот месец минатата година.

– Истото се случува и во Управата за јавни приходи која што има наплатено милијарда повеќе од истиот месец минатата година, некаде околу 960 милиони. Притоа, имаме поголем нето ефект за 7-8 проценти споредено со минатата година, со тоа што повратот на ДДВ е поголем за 37 проценти споредено со истиот месец минатата година. Ова значи дека се работи на намалување на сивата економија и се работи на зголемување на дисциплината – рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ