За еден ден ќе се освојат 10 врва на Скопска Црна Гора

16

На петти октомври, Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“ ќе ја отвори сезоната за движење по патеките на планината што го носи нејзиното име.

– Ќе се движиме во околината на Љубанци, каде што ќе искачиме 10 врва, почнувајќи од Здравец на надморска височина од 1.560 метри до Пржар на надморска височина од 1.626 метри, потоа Црн Камен (1.589 метри надморска височина), Пупљак (1.621 метар надморска височина), Црвен Камен (1.610 метри надморска височина), Осљански Рид (1.580 метри надморска височина), Бајрак (1.595 метри надморска  височина), Бел Камен (1.470 метри надморска височина), Мал Свински Камен (1.578 метри надморска височина) и највисоката точка – врвот Голем Свински Камен на надморска височина од 1.628 метри – соопштија од Здружението.

Претседателот на Здружението, Дејан Вењанов, вели дека ова ќе му бие четврти пат како што ќе искачи 10 врва на Скопска Црна Гора во еден ден.

Турата ќе биде долга 30 километри во целост и спаѓа во среднотешките тури, а за планинарите почетници е екстра тешка тура.

Стартот на турата ќе биде во 7:45 часот, на плоштадот во Љубанци, кај горната кооперација и изворот покрај патот што води кон рибниот ресторан „Квин“.

– До Љубанци може да се дојде со сопствен превоз или со автобусот со бројот „47“, кој тргнува од Транспортниот центар во 7:10 часот, додека автобус за назад има во 18:05 часот или во 20:00 часот – информираат од Здружението „Убавините на Скопска Црна Гора“.

Од опрема се потребни: разгазени гојзерици, облека според временските услови, мантил за заштита од дожд, стапчиња за помош при движење по патеката, вода и храна според потребите и челна ламба.

Движењето по патеката ќе биде според темпото на најбавниот учесник на турата.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ