На експертите од странство им е отворен интернет кориснички профил и тие почнаа да ги анализираат досиејата за кардиолошките операции во приватните болници покриени од Фондот за здравство, кажа министерот за здравство, Азир Алиу, и најави дека извештај би бил готов за околу два месеци.
– Ако има потреба, и ќе се одложи, целта е извештајот да е точен и базиран на податоци – одговори министерот Алиу.
Тој беше прашан за онлајн-состанокот со странските експерти ангажирани за анализа на спорните кардиолошки и кардиохируршки интервенции, односно до каде е динамиката на работа и кога може да се очекува завршница.
– Дефиниравме методологија, како ќе работи таа странска експертиза од тројца експерти. Исто така, се согласија и внатрешните експерти за да може да комуницираат и за да имаат состаноци толку колку што има потреба или ако имаат странските експерти прашања. Тој краен извештај нема да биде само документ туку ќе биде и патоказ за да смениме, ако треба, протоколи за клиниките за оваа здравствена услуга или ако е потребно, ќе направиме реформи во законите. Сè ќе зависи од таа комисија, од тој краен извештај, кој ќе биде јавно достапен и на веб-страницата и на прес-конференција – додаде министерот.
Прашан доколку има злоупотреби, дали ќе се однесе извештајот во Обвинителство и дали оставката на интервентниот кардиолог Сашко Кедев, кој го обелодени случајот со медицински неоправдани операции на срце, ќе ја обесхрабри јавноста, Алиу повторно се повика на крајниот извештај.
– Крајниот извештај ќе ни каже што понатаму. Дали треба да менуваме протоколи, дали треба да менуваме закони, дали треба да ги информираме другите институции што се надлежни за можни злоупотреби. Сега не можам да одговорам на тоа. Професорот Кедев не е дел од оваа група, интерната, на деветмина експерти. Тој е дел од советодавниот комитет на министерот што е по закон и тој креира политики за здравството. Не е воопшто вклучен во овие процедури, така што логично нема да влијае ни позитивно ни негативно, бидејќи тој ни досега не беше член на оваа група – одговори министерот Алиу.
На прашањето дали приватните болници ги споделуваат листите со операции и базите на податоци со јавното здравство, министерот рече дека измените на Законот за здравствена заштита што го регулираат ова прашање се достапни на ЕНЕР-системот – приватниот да се поврзе со државниот здравствен систем и, конечно, да се види што плаќа ФЗО на приватно. (П. А.)












