За само два дена, над 100 верници се пријавени за положувањето на светиот крст во водите на реката Радика што го организира Бигорскиот манастир.
Во објавата на манастирот се вели дека по повод големиот христијански празник Богојавление, со благослов на неговото преосвештенство, епископот антаниски, г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, светиот крст и годинава ќе биде положен во водите на реката Радика, за што може да се пријават сите заинтересирани. Се замолуваат сите заинтересирани што сакаат да учествуваат во овој чин да се пријават кај надлежниот архимандрит, отец Доситеј, на телефонскиот број +389 70 342 970.
– На свечениот чин на полагање на светиот крст во водите на Радика, по традиција, ќе присуствуваат претставници на Општина Маврово и Ростуше, како и жители од долнореканските села – изјави архимандрит Доситеј.
По повод овој голем празник, на 17 јануари, во 6:30 часот ќе биде одржана божествена литургија, додека од 23:00 до 4:00 часот традиционалното реканско сеноќно бдение со архијерејска божествена литургија, на која ќе чиноначалствува владиката Партениј.
На 18 јануари, од 4:00 до 4:30 часот, голем богојавленски водосвет во манастирската фијала, а во 19:00 часот празнична вечерна богослужба. На 19 јануари, на денот на празникот, во 8:00 часот ќе биде одржана божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во селото Ростуше, на која ќе чиноначалствува владиката Партениј, од каде што во 9:30 часот ќе тргне торжествената литија до Ростушки мост, каде што ќе биде полагањето на крстот во реката Радика, стои во објавата на манастирот.
Минатата година по светиот крст скокнаа околу 300 верници, а најсреќен беше Климент Танески од Ростуше.












