Секој од обвинетите можел да ги спаси загинатите со надлежно постапување, но не го сториле тоа. Обвинителство ќе гони 34 луѓе и 3 фирми, кои кривично ќе одговараат за тешки дела против општата сигурност, дело за кое им се заканува казна затвор до 20 години. Обвинителот Љупчо Коцевски е сигурен во доказите кои неговиот тим ги собираше и анализираше во текот на тримесечната истрага. Сепак, за единаесет од осомничените не беа доволно цврсти и за нив постапката е запрена. На слобода се двајца поранешни министри за економија Беким Незиро и Деитон Кучи и ексдиректорите на пазарниот инспекторат за кои постапката е запрена. Коцевски смета дека истрагата била брза и ефикасна. |
Седнат во средина меѓу сите обвинителите кои три месеци работеа на истрагата за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“, државниот обвинител, Љупчо Коцевски, во полната сала со новинари во зградата на Обвинителството ги објасни сите дејства на вкупно 34 луѓе и 3 фирми обвинети за Тешки дела против општата сигурност. На крајот од прес-конференцијата, откако јавноста дозна дека за единаесетмина, меѓу кои двајца поранешни министри за економија и ексдиректорите на пазарниот инспекторат, постапката е запрена, новинарите практично го бомбардираа обвинителот со прашања на кои не го добија очекуваниот одговор. Кои се министрите и останатите функционери кои од денеска слободно шетаат без мерки, поради тоа што обвинителството нема докази против нив, Коцевски не сакаше да одговори правдајќи се дека тоа не го дозволува Законот за кривична постапка. Надлежната обвинителка која ги истражувала лицата за кои постапката е запрена, кусо објасни дека пуштените државни функционери имале план кој не бил спроведуван на локално ниво и за тоа не знаеле. Па така, иако првично истрагата опфаќаше околу 50 лица, обвинение се поднесе за 11 помалку, еден од осомничените почина во болница, а за пејачот на групата ДНК, кој ја донел пиротехниката, постапката е запрена поради лошата здравствена состојба. Она што го докажа обвинителскиот тим од повеќе од десетина обвинители, вештаци, истражители е опишано во диспозитивот на обвинението на 40 страници. Сега судот треба да даде позитивна оценка и обвинетите да седнат во судница и да се соочат со доказите. Шефот на обвинителството, Коцевски, за секој поединечно кажа што направил за да дојде до трагичниот настан во кој загинаа 62 млади луѓе.
Првоосомничени се татко и син, газди на дискотеката на смртта, која се наоѓа на влезот на Кочани. Тука се и управителите, на неколкуте фирми кои од 2012 до 2025 година работеле, иако знаеле дека објектот нема никакви услови. Без решение за градба, сопственикот изградил чудовиште од објект, без паркинг, без влез и излез за евакуација, без огноотпорни материјали, без проект за градба, без статика и сеизмика, без план за заштита при пожар и експлозија, без план за спасување. Над светлечките ефекти, во темнината на кабарето, не се забележувало дека има евтина синтетика која од искрата на прскалките лесно се потпалила, огнот молскавично се ширел, а конструкцијата без носивост паѓала врз главите на младата публика. Целото семејство на газдата соработувало со ризикот на смртта, братот на првообвинетиот им продавал билети на деца, свесно дозволил диското да се преполни. Во ланецот одговорни, своја алка носи и архитектката која лажно направила елаборат за кабарето. Сите знаеле, но молчеле, не гледале и не слушале, тројца градежни општински инспектори ниту пошле во контрола, па уште помалку донеле одлука за рушење на дивоградбата која во градскиот детален урбанистички план не постои, нешто за што знаеле тројцата обвинети градоначалници, но не презеле ништо. Речиси десет години на сопственикот му прогледувале низ прсти, не му пуштиле инспекција кога градел, не ги известиле надлежните државни институции. На ред во писанието на Коцевски се обезбедувачите. Вистинскиот газда на агенцијата „Рубикон“ е под истрага, а обвинение се подигна против неговиот управител и 4 обезбедувачи на „Пулс“ кобната вечер на 16 март. Без план, дозволиле дискотеката да се преполни со млади луѓе меѓу кои имало и деца, немале мерки за евакуација, и најважното од сè, дозволиле пејачката група да внесе и да употреби прскалки наречени фонтани. Обвинителот се запраша како може Дирекција за заштита и спасување да нема инспектор во Кочани, замислете немало ниту еден надзор на сите угостителски објекти низ целата држава. Одговорност се бара од првите луѓе. Обвинителот соопшти дека постапката е запрена за двајца екс министри за економија, а на обвинителната клупа седнуваат поранешната државна секретарка и 5 службеници. Еден од нив, фалсификувал потпис на државната секретарка и за мито од газдата на дискотеката, му издавал лажни лиценци за угостителска дејност. Парична награда добил двапати, првиот се задоволил со 200 евра, ама вториот дебело наплатил мито во висина од 3.600 евра. Откако за ексдиректорите на пазарната инспекција постапката запре бидејќи обвинителството нема цврсти докази против нив, од овој сектор се обвинети 4 реонски инспектори.
„Секој од обвинетите можел да ги спаси загинатите со надлежно постапување, но не го сториле тоа. Во дискотеката биле внесени три фонтани чии искри го зафатиле плафонот и започнало прогресивно опожарување на сунѓерот и пожарот се ширел со огромна брзина.
Се создал чад и висока температура, по што настанало панично бегање преку единствениот излез, врата која била двокрилна, двонасочна, што претставувало дополнителна пречка за спасување. Настанало стампедо, туркање и паѓање, а поради никаквите услови евакуацијата била целосно попречена“, рече Коцевски и нагласи дека ОЈО има докази за обвинување на сите 34 обвинети за тешки дела против општата сигурност. Иако беше најавено дека предметот ќе се подели на неколку, сепак, поради запирање на постапката за единаесетмина, на другите ќе им суди заедно. Коцевски вели дека експресно и квалитетно е затворена истрагата во која биле испрашани 400 сведоци, со многу вештачења и анализи, и е уверен дека цврстината на доказите нема да ја развлечат судската постапка. (П.А.)
Истрагата проширена за уште 13 полициски службеници
Во друго Обвинителство, тоа за организиран криминал и корупција, каде работи посебно одделение за гонење на полициски службеници, истрагата за пожарот во Кочани се прошири за уште 13 полицајци, актуелни началници, инспектори од полицијата во Штип и Кочани. Државниот обвинител Коцевски нагласи дека кривичната пријава е поднесена од внатрешната контрола на МВР, а се однесува на полицајците кои направиле оперативен план и требало кобната вечер на 16 март да одат во контрола. Според ОЈОГОКК, актуелните полициски службеници ги сомничи за тешки дела против општата сигурност, направиле план за кој не процениле ризик од спроведувањето. Не спречиле внесување на пиротехника, а таа не била пријавена во ПС Кочани, не презеле мерки да ги заштитат присутните. За нив обвинителството бара мерки на претпазливост, односно, да не го напуштаат домот и да не контактираат со колегите и други врз кои би можело да повлијаат.