Сè уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги и покрај тоа што започнала пред повеќе од една деценија и во неа се вложени 8,5 милиони евра, се укажува во извештајот на Државниот завод за ревизија. Во него се потенцира дека досега се скенирани 52 проценти од записите во матичните книги на родени,умрени, венчани…, а внесени во електронскиот матичен регистар се 49 проценти од записите.
-Ваквиот степен на реализација не овозможува поедноставување и забрзување на услугите за граѓаните, ниту пак, доведува до подобрување на квалитетот на податоците што ги користат надлежните институции согласно своите законски надлежности. Анализата на податоците покажува дека 92 проценти од електронските изводи се издаваат во Скопје, додека во поголемите градови како Прилеп, Битола, Охрид и Тетово бројот на издадените изводи е значително помал. Во помалите и рурални средини, како Гевгелија, Делчево и Пехчево, употребата на електронските услуги е речиси занемарлива – се наведува во Извештајот.
Според ДЗР, недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси, спор го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби на лични податоци и губење на архивскиот материјал од трајна вредност.
– Непостоењето на темелни анализи и јасен акциски план за дигитализацијата на матичните книги довело до зголемување на трошоците, од првично планираните 13,1 милион денари на 157 милиони денари. И покрај ова многукратно зголемување на предвидените трошоци, процесот сè уште не е завршен. Вкупните трошоци за набавка и одржување на електронскиот матичен регистар и дигитализација на матичните книги, од 2012 до денес, изнесуваат 520.952 илјади денари, или приближно 8,5 милиони евра. Со цел забрзување на постапките за дигитализација на матичните книги, од 2018 до 2024 година, склучени се 288 договори за дело со 216 лица за „внесување на податоци во електронски матичен регистар во поголем обем“. Утврдено е дека поголемиот дел од ангажираните лица не извршувале активности поврзани со внесување на податоци во електронскиот матичен регистар, туку биле ангажирани во извршување на други работни задачи за што исплатени се средства во износ од 30.578 илјади денари, стои во извештајот на ДЗР од извршената ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на тема „Дигитализација на матичните книги“. (Б.Ѓ.)