Снежните врнежи создадоа проблеми во сообраќајот. Возилата возеа бавно бидејќи коловозот на некои од улиците беше подмрзнат, а исто така и тротоарите не беа исчистени. Граѓаните реагираа на ненавременото интервенирање на службите, иако немаше којзнае колку наталожено снег. Поради тоа, многу од граѓаните доцнеа на работа, а децата на училиште. Ова беше вчерашна слика откако почна да паѓа снег. Додека граѓаните реагираа, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи се пофали дека снегот не е изненадување во зима и дека градските служби се подготвени. Снегот им отвори работа и на службите во другите градови во земјава

Снегот што утринава почна да паѓа во главниот град ги израдува најмалите, но предизвика главоболки кај надлежните. Снежните врнежи создадоа проблеми во сообраќајот. Возилата возеа бавно бидејќи коловозот на некои од улиците беше подмрзнат, а исто така и тротоарите не беа исчистени. Граѓаните реагираа на ненавременото интервенирање на службите, иако немаше којзнае колку наталожено снег. Поради тоа, многу од граѓаните доцнеа на работа, а децата на училиште.

– Хаос, пак ве изненади снегот – коментираа дел од граѓаните на социјалните мрежи.

 

ГРАЃАНИТЕ РЕВОЛТИРАНИ, ГРАДСКИОТ ТАТКО ЗАДОВОЛЕН

Други, пак, се жалеа и на доцнењето на автобусите на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.

– Едниот автобус не го дочекав бидејќи се расипа. Требаше да чекам уште 10 минути за да дојде друг. Тоа се случуваше со автобусот со број 24 меѓу ТЦ „Сити мол“ и „Лептокарија“. Со вториот патувавме до следната станица уште 10 минути. Во меѓувреме, возачот се жалеше дека не може да вози бидејќи е лизгаво. Автобусот остана на меѓустаница, а сите патници слеговме и тргнавме пеш, бидјеќи така беше побезбедно и побрзо – еден скопјанец го раскажа своето утринско патешествие за весникот ВЕЧЕР.     

Тој додаде дека додека пешачел, забележал автобус со број 12 на семафорите во кој луѓето биле напикани како сардини и едвај стоеле во автобусот.

– Побрзо одевме пешки, отколку со автобус – констатира тој.

Други, пак, реагираа дека било штета што не снимиле кратко видео од Радишани кон Центар за убаво да се согледа ситуацијата и тоа, како што велат, колку се ажурни градските служби.

– „Партизанска“ кон центар не исчистена, сообраќајот е во колапс. Четири километри се минуваат за еден час возење – наведува граѓанин.

Од Диспечерскиот центар на ЈСП признаа дека невремето влијаело на доцнењето на автобусите, но оти прават се состојбата да се доведе во нормала.

– Невремето си го направи своето, но се трудиме да воспоставиме ред и да регулираме – објаснија од Диспечерскиот центар на ЈСП.

За разлика од рекциите на скопјани кои утринава беа нервозни и револтирани поради сообраќајниот метеж, бавното движење на возилата, но и поради доцнењето на автобусите заради што тие стигнаа доцна на своите работни места, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски на социјалните мрежи се пофали дека снегот не е изненадување во зима и дека градските служби се подготвени.

– Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на Градот. Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет – напиша Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенирале ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје.

– Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот – тврди Ѓорѓиевски.

И скопските општини се јавија со информации дека нивните служби дејствуваат превентивно на сите сообраќајници и пешачки површини, со цел да овозможат безбедно движење на возилата и на пешаците.

Иако во делови не беше така. Дури имаше ситуација кога пешак, лазејќи, го поминува булеварот „Јане Сандански“ за да не се лизне.

Од јавното претпријатие „Комунална хигиена“ информираа дека спроведуваат активности за рачно и за машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.

СНЕГ И ВО ДРУГИТЕ ГРАДОВИ

Снегот им отвори работа и на службите  во  другите градови во земјава.

Од Битола информираа дека механизацијата на јавното претпријатие „Нискоградба“ ги расчистува улиците низ градот по врнежите од снег.

Како што информираше директорот Зоран Талевски, камиони-посипувачи излегле на терен во 03:30 часот, а за улиците се употребени 12 тони сол и 8 кубни метри ризла до утрово до 07:00 часот.

– Екипите продолжуваат со чистење во текот на целиот ден, во оспособување и на улиците од втор и трет прироритет и на патиштата до населените места – вели Талевски.

Деновиве беше промовирана апликацијата „Битола – Зимска служба“, на која во реално време може да се следи работата, односно која машина каде интервенира, на која улица, пат или населено место.

Екипи на ЈП „Солидарност“ интензивно работат на расчистување на снегот од улиците во Виница, патните правци кои гравитираат од селата спрема градот и патните правци кон селата во Општина Виница.

– Исчистени се неколку патни правци, Осојница – Липец, Липец – Блатец, Блатец – Скараница, Виница – Градец моментално се чисти во високите делови од градот, а попладне ќе продолжиме со чистење кон селата Лаки, Пекљани, Драгобраште, Крушево, Трсино, Трстија, Грљани, Калиманци и Црн Камен – информираат од Општина Виница.

Екипите на „Чистота и зеленило“, исто така се на терен и ги расчистуваат улиците и локалните патишта од снег во Куманово. Како што информираше директорот на комуналното претпријатие, Сашо Томиќ, улиците во централното градско подрачје се веќе исчистени и се чистат патиштата кон селата.

– Сите екипи се на терен, чистат според програмата усвоена од советот. Имаме на располагање механизација и доволно количество сол – изјави Томиќ.

За оваа намена, од општинскиот буџет се издвоени осум милиони денари.

– Имаме три специјални машини, камиони со плуг, две метлачки за чистење на плоштадите и трактор со приколка и преден плуг. Во моментов имаме обезбедено 25 тони сол, додаде Томиќ.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека во Битолскиот регион ЈП „Македонија пат“ врши расчистување на приоритетните патни правци, по што ќе следува интервенција и на останатите патишта.

– Во општините Прилеп, Кривогаштани и Долнени нема пријавени вонредни настани. Во општините Свети Николе и Лозово сите патни правци се проодни во зимски услови. Во Општина Чашка машините се на терен, но на патниот правец Велес – Чашка сообраќајот се одвива отежнато – нагласуваат од ЦУК.

Оттаму додаваат дека патиштата во Неготино и Демир Капија се проодни, а се врши континуирано посолување. Непрооден е патниот правец кон село Раштани (Општина Велес). Воедно, нагласуваат дека на граничниот премин – Табановце има заглавени товарни возила поради нерасчистен пат.

– Во Општина Ранковце, регионалниот пат кон село Герман е делумно непрооден поради високиот снег. Во Крива Паланка, Кратово и Липково, патните правци се проодни, а комуналните служби се на терен. Во Полошкиот Регион (Тетово, Гостивар), сите патни правци се проодни во зимски услови. Во Општина Желино, поради дефект, во текот на завчерашниот ден имало прекин во снабдувањето со електрична енергија – соопштија од ЦУК.

Притоа наведуваат дека во Маврово и во Ростуше снежната покривка изнесува околу 10 сантиметри, а воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Маврово – Дебар и Гостивар – Стража.

– Во регионите Штип и Струмица, сообраќајот се одвива непречено во зимски услови, без прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода. Во Охрид, Струга, Дебар, Центар Жупа и Кичево, сите патни правци се проодни. Во Кичево има снежна покривка до 10 сантиметри и се врши расчистување и опесочување  –  нагласуваат од ЦУК.

Додаваат дека забрана за сообраќај на тешки товарни возила е воведена на планинските превои Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан.

– На патниот правец Демир Капија – Смоквица, сообраќајот за тешки товарни возила е пренасочен по стариот пат во двата правци. Од 09:16 часот, сообраќајот на наплатната станица Отовица, односно патниот правец Велес – Скопје, ќе биде затворен поради расчистување на снегот за сите видови на возила –  напоменуваат од ЦУК.

ДА СЕ ПАТУВА ВНИМАТЕЛНО, СО ДОВОЛНО ГОРИВО       

Апелираат до граѓаните да патуваат внимателно, ако тоа е неопходно, со доволно гориво во резервоарите, а секако, и со соодветна зимска опрема за возилата на повисоките места и планинските превои, бидејќи е можно да се формираат навеви од снег и патните правци во одреден временски период да бидат непроодни на повисоките делници.

Потсетуваат луѓето што живеат во повисоките места навремено да се снабдат со основни намирници (храна и лекови) и се препорачува внимателно движење на пешаците, бидејќи е можна појава на голомразица.

– Во случај на опасност или потреба, граѓаните да се јават на бесплатниот телефонски број за итни повици 112 – потсетуваат од ЦУК.

Од Министерството за транспорт информираат дека сите патни правци се проодни и сообраќајот се одвива непречено по влажни коловози и оти онаму каде што паѓа снег континуирано се чисти со координирани активности на ЈП „Македонија пат“.

Како што информираат од ЈП „Македонија пат“, нивните екипи се целосно екипирани и со цела механизација и работна сила на терен вршат континуирано чистење на државните патишта.

Препорачуваат задолжителна употреба на зимска опрема, внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и приспособена брзина во согласност со условите на патните правци.

Според Управата за хидрометеоролошки работи, од утре до сабота времето ќе биде променливо облачно, со пораст на температурата. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота, кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места и врнежи од снег.

 (А. П.)

ИЗДВОЕНИ