сабота, јануари 24, 2026
Дома СКОПСКА За да не ве боли глава од извршители, платете го данокот

За да не ве боли глава од извршители, платете го данокот

3924

Град Скопје ги повика сите даночни и таксени обврзници (правни и физички лица) што немаат платено данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса-фирмарина, да ги намират своите даночни обврски во најкраток временски рок.

Од Град Скопје соопштија дека според евиденцијата на Секторот за даноци на имот и комунални такси, за периодот од 2020 до 2025 година, по основ на даноци и такси, граѓаните и компаниите имаат долг кон Градот во износ од над 36 милиони евра.

Оттаму информираат дека даночниот долг може да се плати и преку даночните шалтери на Град Скопје, кои стојат на располагање  секој  работен ден од 8:00 до 19:00 часот, како и в сабота, на 13.12.2025 година.

-Увид во вашиот долг, преземање на даночните и на таксените решенија, како и електронска уплата на долгот, може да извршите преку електронската платформа на Град Скопје: https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml. За сите прашања можете да се јавите на следниве телефонски броеви:  за данок на имот 072/204-434 и 02/3207-546, како и на и-мејл адресите [email protected][email protected]; за данок на промет, наследство и подарок 02/3297-298 и 02/3297-296, како и на и-мејл адресата [email protected]; за комунална такса-фирмарина 02/3297-314, како и на и-мејл адресата [email protected] и за даночно сметководство 02/3297-298 и 02/3297-296, како и на и-мејл адресата [email protected] – велат од Град Скопје.

Во соопштението се наведува дека даноците на имот и комуналните такси се основните извори на приходи на Градот Скопје.

-Средствата остварени од овие приходи овозможуваат финансирање на основните функции на Градот, изведба на инфраструктурните проекти, кофинансирање на услугите што ги даваат комуналните претпријатија и јавните установи, како и финансирање на трошоците на средните училишта во Градот Скопје – потсетуваат градските власти.

Според  Законот за даноците на имот, наплатата на пристигнатиот даночен долг, паричните казни и каматите што даночниот обврзник не ги платил доброволно во пропишаниот рок, општинската администрација, администрацијата на општините во Градот Скопје и администрацијата на Градот Скопје ќе ја извршат по присилен пат. Пред пристапувањето кон присилна наплата, општинската администрација, администрацијата на општините во Градот Скопје и администрацијата на Градот Скопје му доставуваат писмена опомена на даночниот обврзник за да ги плати даночниот долг, паричните казни и каматата во рок од осум дена од денот на доставувањето на опомената на последната адреса што ја пријавил кај нив.

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ