На социјалните мрежи почнаа да се продаваат фискални сметки за поврат на ДДВ. Граѓаните кој скенираат сметки во обид да дојдат до некој денар повеќе во семејниот буџет сега можат да си купат фискални за да го достигнат прагот за поврат од 2100 денари. Деновиве на социјалните мрежи се појави објава во која јавно се нуди продажба на фискални сметки со висока вредност на ДДВ, со цел побрзо да дојдат до кварталниот лимит од 2.100 денари преку апликацијата „МојДДВ“. На интернет се нудат сметки по цена од 150 денари поединечно или цело „полнење“ за 300 денари. Од УЈП велат дека на овој начин вршат злоупотреба на системот, бидејќи целта е да се издадат повеќе фискални сметки за повисока наплата на данок и повеќе пари во Буџетот.
-Со моите сметки, кои веќе имаат високо ДДВ (700-900 денари по сметка), можете брзо да го достигнете потребниот износ од 2100 денари за поврат, стои во објавата. Понудата е насочена кон граѓани кои не можат редовно да скенираат доволно сметки, па на овој начин би можеле со неколку скенирања да го добијат максималниот поврат на средства.
Ваквата активност претставува злоупотреба на системот за поврат на ДДВ. УЈП веќе има воспоставено механизми за откривање на нерегуларности при користење на „МојДДВ“, а според Кривичниот законик, обид за измама на државен систем може да повлече и кривична одговорност.
Граѓаните кои скенираат фискални сметки велат дека на социјалните мрежи постојано се појавуваат вакви објави, но претежно фискалните сметки се подаруваат од страна на оние кои не скенираат.
-За домашниот буџет важен е секој денар, особено кога платата не ти стигнува да го поминеш месецот. Така што овие 2.100 денари кои ги добиваме на три месеци, односно 8.400 денари годишно не се малку. Но, проблем е што за да ги добиеш овие средства претходно треба да потрошиш многу пари. Поради тоа се снаоѓаме некако за да собереме повеќе фискални сметки и да го достигнување на прагот за поврат од 2100 денари, вели една Скопјанка.
Друга вели дека за да добие 2.100 денари месечно мора да собира фискални сметки од роднини, пријатели или да чека на каса во супермаркет за да собере од оние кои не скенираат.
Многу граѓани го поставуваат прашањето дали фискалната сметка која е издадена за фирма може да се искористи преку апликацијата Мој ДДВ и на своја лична сметка да се запише повратот на ДДВ. Како на пример фискалната сметка од точење на гориво за потребите на автомобилите во сопственост на компанијата.
Но од УЈП велат дека ова е строго забрането и казниво со закон. Оттаму објаснуваат дека фискалните сметки издадени за компанија се прикачуваат на сметкопотврда и понатаму се книжат, па многу лесно инспекторите можат да откријат доколку некој граѓанин ги искористил фискалните сметки на компанијата и за сопствените потреби.
Според пресметките за остварување на кварталниот лимит 2.100 денари во текот на три месеци во трговијата треба да се потрошат 210 илјади денари. Притоа, важно е дали се купуваат производи од домашно или од странско потекло, храна или нешто друго… За облеката и акцизните стоки се пресметува ДДВ од 18 проценти, за речиси сите други производи стапката е 10, а храната е со најниски, односно повластени пет проценти. Најмногу скенирани сметки има од бензински станици, од маркети – мали и големи, од аптеки, продавници за облека, за бела техника.
(А.С.)