На Македонија ѝ е неопходно потребна зелена трансформација, затоа што климатските промени веќе влијаат врз економијата, енергетиката и во  секојдневието, рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој потенцира дека Владата обезбедува поддршка за домашните компании што инвестираат во зелени технологии и практики, со цел отворање нови работни места.

– Во изминативе четири години, заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), овозможивме околу 400 нови зелени работни места во 228 компании – нагласи Ристески 

 

– Владата, во рамките на Оперативниот план за вработување, преку мерката Поддршка за креирање нови работни места преку зелени инвестиции, им обезбедува поддршка на домашните компании што инвестираат во зелени технологии и практики, со цел отворање нови работни места – истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој се обрати на стручната конференција на тема „Создавање зелени работни места во Македонија – можности за вработување во контекст на управувањето со отпад, национални паркови, одржлив туризам и зелена грижа во руралните средини“, која е во организација на Амбасадата на Австрија и на австриското федерално Министерство за труд, социјални работи, здравствена заштита и заштита на потрошувачите.

– Со ова, го поттикнуваме создавањето нови вработувања во приватниот сектор, преку воведување зелени производи, услуги, технологии или процеси во претпријатијата, а во четирите години откога, заедно со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), ја спроведуваме, резултира со околу 400 нови зелени работни места во 228 компании – додаде Ристески.

Тој нагласи дека на Македонија ѝ е неопходно потребна зелена трансформација, затоа што климатските промени веќе влијаат врз економијата, енергетиката и во секојдневието.

– Да ја прифатиме зелената трансформација не само како обврска туку и како можност за економски развој, нови инвестиции и за нови вработувања. Како Министерство за економија и труд, силно сме посветени на процесот на зелена транзиција, поточно транзиција во зелена економија, која е систем чии приоритети се еколошката одржливост, социјалната правда и економскиот раст и која подразбира раст што ќе ги задоволи потребите на сегашните, без да се загрозат идните генерации – рече Ристески.

На конференцијата се обратија голем број претставници на министерствата и на државните тела и институции од областа на трудот од Македонија и од Австрија, со цел размена на искуства и позитивни примери за мерките и за активностите од областа на зелената економија, транзицијата, креирањето нови зелени работни места, управување со отпад, одржливиот туризам и зелената грижа во руралните региони. Беа споделени добри практики од Австрија во областите на управувањето со отпад, националните паркови, одржливиот туризам и зелената грижа во руралните региони.

„Дрисла“ ќе се трансформира по примерот на европските центри за обработка и третман на отпадот

Скопската депонија „Дрисла“ е во исклучително лоша состојба и силно ќе се залагаме да се трансформира по примерот на другите современи европски регионални центри за обработка и третман на отпадот, нагласи градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во обраќањето на експертската работилница за креирање зелени работни места во Македонија.

Тој порача дека земјава треба максимално да се заложи за селектирање на отпадот и за негово поефикасно искористување како суровина. Тој нагласи дека веднаш по стапувањето на својата нова функција, се зафатил со чистење на Скопје.

– На самиот почеток од мојот мандат, максимално се посветив на средување на состојбата со нередот и ѓубрето во главниот град, нешто што беше проблем многу години наназад. Убеден сум дека Скопје, но и другите општини, во соработка со Владата, ќе почнат да се справуваат со отпадот на многу подобар и поцелисходен начин – напомена Ѓорѓиевски.

Тој го потенцираше значењето на невладините организации што работат на собирање, селектирање и на третман на отпадот.

– Како пример ќе го истакнам поставувањето на специјалните контејнери за одделно собирање стаклен отпад, пластика, хартија и слично. Интересно е искуството од поставувањето машини за рециклирање пластични шишиња во основните училишта, но и можноста за плаќање паркинг со собирање шишиња, како и примерот во Кисела Вода за поставување канти за селектирање отпад во влезовите на објектите за колективно домување – потенцираше Ѓорѓиевски.

Исчистена депонијата на паркингот кај гробиштата „Бутел“, поставена е заштитна ограда

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека пред неколку дена е отстранета големата депонија на паркингот кај градските гробишта „Бутел“ и дека од страна на управата на АД „Бутел“ е поставена заштитна ограда за да се спречат ново загадување и девијантни појави.

– Од наша страна, беше побарано од АД „Бутел“ редовно одржување. На градските гробишта мора да владеат достоинство и ред. Тоа се места на спомен, почит и тишина, а не на неред и запуштеност. Секој од нас има таму некој близок и затоа не смеат да се дозволат непријатни глетки и депонии – истакна Ѓорѓиевски.

Скопје ќе биде накитено и ќе има новогодишна програма

Скопје годинава ќе добие новогодишна прослава каква што заслужува секоја метропола, најави скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

– Во програмата не беа предвидени средства за предновогодишно украсување, но со ребалансот на буџетот, в петок ќе предвидиме средства за китење на главниот град и ќе биде организирана новогодишна прослава каква што треба за граѓаните и за пречек на Нова година. Со тоа, конечно, Скопје ќе биде украсено како што треба да биде и како што заслужуваат нашите граѓани – рече Ѓорѓиевски.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ