За Белата куќа средбата Трамп-Путин на Алјаска е само „вежба за слушање за подобро разбирање на ситуацијата“

95

Оддалечената воздухопловна база Елмендорф-Ричардсон во најголемиот град на Алјаска, Анкориџ, ќе биде местото каде в петок ќе се сретнат американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин, за да разговараат за крај на војната во Украина. Елмендорф-Ричардсон е најголемата воена база во Алјаска, дом на повеќе од 32.000 луѓе, што е еднакво на околу 10 проценти од населението на Анкориџ. Базата избрана за место на состанокот има и скриено симболично значење, зашто за време на Студената војна се сметаше за клучна точка во одбраната на САД од тогашниот Советски Сојуз. Таа е толку оддалечена што на посетителите им се препорачува кога одат таму да понесат итни залихи, храна, ќебиња и дополнително гориво.

Локацијата на средбата е една од дилемите што ги разреши Белата куќа. Втората е во врска со тоа дали таа средба ќе биде билатерална, или трилатерална, како што минатата недела загатна Трамп, односно дали на масата ќе има место и за украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп рече дека Зеленски дефинитивно нема да присуствува, но Кремљ посочи дека украинската страна на еден поинаков начин, сепак ќе биде присутна. Русите велат дека Украина подготвува голема саботажа на средбата Трамп-Путин. Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова во вторникот коментираше податоци од руското Министерство за одбрана дека Киев подготвува провокација со цел да ги наруши руско-американските разговори закажани за 15 август, со забелешка: „Тоа веќе стана нивен криминален потпис“.

Конкретно, руското Министерство за одбрана денеска изнесе тврдења дека непосредно пред самитот в петок, украинските вооружени сили планираат провокативен напад во регионот Харков со употреба на беспилотни летала и ракети врз една од густо населените станбени области или болница со голем број цивилни жртви, „што веднаш би било снимено од увезени западни новинари“. Киев, тврдат Русите, ќе се обиде да ја префрли одговорноста врз руските вооружени сили со цел да создаде негативна медиумска позадина и услови за попречување на руско-американската соработка по прашањата за решавање на конфликтот во Украина.

Белата куќа, пак, испрати сигнал дека од средбата на Трамп и Путин во Алјаска не треба многу да се очекува. Портпаролката Каролин Ливит го опиша состанокот како „вежба за слушање“ насочена кон „подобро разбирање“ на ситуацијата. Белата куќа, исто така потврди дека ден пред средбата со Путин, Трамп ќе одржи виртуелен состанок со Зеленски и со европските сојузници.

Од друга страна, изборот на локацијата на состанокот, предизвикува критики.

-Лесно е да се замисли дека за време на состанокот  со Трамп, Путин го изнесува аргументот: „Па, погледнете, териториите можат да се променат. Ви ја дадовме Алјаска. Зошто Украина не може да ни даде дел од својата територија?“ , рече Најџел Гулд-Дејвис, поранешен британски амбасадор во Белорусија.

 

ИЗДВОЕНИ