Овој атак врз македонските историја и наследство упатува на прашањето дали воопшто се грижи некој да го зачува тоа или ќе останеме глуви и неми на тоа дека, можеби, бронзените споменици и спомен-бисти се распродаваат од несовесни граѓани, без грам совест, по отпадите. Од МВР велат дека, најверојатно, се работи за нелегална трговија со метали и легури, а тоа го потврдуваат и од отпадите што откупуваат метал. Оттаму раскажуваат дека откупот на бронза како, на пример, од крадени споменици го вршат нерегистрирани отпади, а тие што нудат се Роми, дека ја сечат бистата на помали делови и ги носат деловите во повеќе отпади, а не во еден сите заедно
Пред очите на градските власти, токму пред бараките во Градскиот парк каде што се сместени, деновиве исчезна споменикот на Крсте Петков Мисирков, кодификаторот на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на националнополитичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Воедно, спомен-бистата на Кочо Рацин, македонскиот книжевник и комунист најпознат по својата поезија, била оштетена. Исто така, од дворот на училиштето била одземена спомен-бистата на Ѓорѓија Пулевски, а биле украдени и две бронзени бисти од Градските гробишта Бутел.
Овој атак на сквернавење на спомениците на македонските историја и наследство упатува на прашањето дали воопшто се грижи некој да го зачува тоа или ќе останеме глуви и неми на тоа дека, можеби, бронзените споменици и спомен-бисти се распродаваат од несовесни граѓани, без грам совест, по отпадите.
Токму оттаму обелоденуваат дека се случува такво нешто.
Од „Феми отпад“ информираат дека откупуваат бронза, но дека внимаваат од кого и притоа бараат лична карта од оној од кого откупуваат. Тие потврдуваат дека се крадат бронзени бисти, бидејќи, како што нагласуваат, се откупува по четири евра за килограм.
Од отпадот „Трајмекс“, пак, велат дека откупот на бронза како, на пример, од крадени споменици го вршат нерегистрирани отпади.
– Ние работиме со големи фирми и со фактури и не сакаме да се впуштаме во нешто за што потоа би одговарале – одговорија од „Трајмекс“.
И од „Екоциркон“ потврдуваат дека откупуваат бронза, но, како што нагласуваат, соработуваат со леарница, од каде што го вршат откупот. Што се однесува до кражбите на спомен- бисти од бронза и нивното продавање, оттаму кажуваат дека оние што одзеле бисти, не ги носат веднаш на отпадите за да бидат откупени.
– Тоа може да биде по еден месец. Тие ја сечат бистата на помали делови и ги носат деловите во повеќе отпади, а не во еден сите заедно – нагласуваат од „Екоциркон“.
Од Град Скопје нагласуваат дека кога има кражба на јавен простор, тоа, согласно со закон, се пријавува во МВР, кое е надлежно за постапување, изнаоѓање и санкционирање на сторителите на таквите кривични дела. Оттаму се оградуваат и од надлежноста за нивна заштита или од можноста да се постави видеонадзор за полесно откривање на сторителите.
– Град Скопје, како ниту едно друго правно и физичко лице во Македонија, нема право да врши видеонадзор на јавна површина. Единствено МВР, согласно со надлежностите утврдени со закон, може да следи и постапува по снимки што ги добило на законски начин.
Од МВР нагласуваат дека на територијата на СВР Скопје, во 2025 година, споредбено со 2024 година, ваквите кражби се зголемени.
– Во 2024 година, регистрирани се два случаи каде што се украдени спомен-бисти или делови од нив, додека досега, во 2025 година, се регистрирани 29 случаи (првиот настан е од 3.1.2025 година), најголем дел од нив на гробиштата во Бутел, Ѓорче Петров и во Драчево. Сите овие случаи се класифицирани како кривично дело тешка кражба, согласно со Кривичниот законик. СВР Скопје презема мерки за утврдување на идентитетот на сторителите, како и на мотивите за извршување на кривичното дело. Најверојатно, се работи за нелегална трговија со метали и легури – велат од МВР.
Од АД „Бутел“ се вџашени од чинот на кражба на бисти од гробните места, кои семејствата ги поставиле за оддавање последна почит на блиските.
Оттаму наведуваат дека ги преземаат сите потребни дејства во доменот на овластувањата што ги имаат за брзо расветлување на овој немил настан.
– Не само сега туку и во април, од неколку спомен-обележја на гробните места насилно се одземени бистите. За нивно разоткривање, Службата за обезбедување работеше под полна пареа, заедно со полицијата, каде што уредно е пријавен настанот за поведување соодветна постапка, бидејќи се работи за кривично дело. За среќа, преземените активности од обезбедувањето и полицијата вродија со плод, па голем број од бистите им се вратени на носителите на гробните места за повторно монтирање на спомениците – истакнуваат од АД „Бутел“.
Тие додаваат дека ги известиле сите за поведувањето постапка пред надлежните институции, бидејќи понатаму постапката мора да се продолжи пред органите на прогонот, затоа што, како што велат, се работи за кривично дело што не е во домен на работењето на АД „Бутел“. Притоа потенцираат дека, како управител на Градските гробишта, им стојат на располагање на сите корисници, посетители за поднесување барања, приговори за кои го вложуваат својот максимум да бидат навремено одговорени и разрешени.
Според Законот за меморијални споменици и спомен- обележја, иницијатива за подигање меморијален споменик може да дадат, како и да вложуваат средства за негово подигање: Собранието на Република Македонија и органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, установи, здруженија на граѓани и фондации, други заинтересирани правни лица и граѓани. Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Македонија и за нејзиниот државноправен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата.
Спомен-обележја, пак, во смисла на овој закон, се бистите, скулптурите, плочите, чешмите, фонтаните и други уметнички и архитектонски дела и творби, кои со своите содржини и ознаки одбележуваат настани и личности, или од народната традиција, кои се од локално значење (во натамошниот текст: спомен-обележје). Спомен-обележје можат да подигаат општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, согласно со овој и друг закон. Правни и физички лица можат да дадат иницијатива до советот на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје за подигање спомен-обележје, како и да вложуваат средства за негово подигање. Странски државјани и лица без државјанство можат да вложуваат средства за подигање меморијален споменик, односно спомен-обележје.
Според член 27 од Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, оној што ќе оштети или уништи меморијален споменик, ќе биде казнет за кривично дело со парична казна или со затвор до три години. Во особено тежок случај на делото, сторителот ќе биде казнет со затвор од шест месеци до пет години.
Надзор и контрола над спроведувањето на овој Закон врши Министерството за култура, од каде што не добивме одговор што презема тоа за заштита на меморијалните споменици од своја надлежност.
(А. П.)