АД ЕСМ купи поевтина електрична енергија за ноември и декември од трговецот „Ген-И“ за 15 милиони евра. Вкупно се обезбедени 132 илјади мегават часови, а еден мегават чини 115 и 117 евра, приближно колку онаа производната на ЕСМ.
Сумата ќе се плати тогаш кога ќе се троши струјата. Од ЕСМ велат дека со овој потег очекуваат да добијат струја по поповолни цени од оние што ги има во тој период и дека прават анализи истото да го направат и за месеците јануари и февруари, кога има најголема потрошувачка. Нова цена на струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе се носи во ноември, па останува да се види дали и колку ќе влијаат овие набавки.
Минатата година за набавка на струја се потрошени околу 100 милиони евра. ЕСМ бара и државните и јавни институции да си ги подмират и долговите за струја и парно кои ги имаат кон компанијата. Станува збор за долг од 16 милиони евра, од над 200 институции. Тука се министерства, болници, клинички центри, јавни комунални претпријатија, агенции, пошта, железници и други.