По ковид-пандемијата, македонското општество се соочува со „епидемија“ на семејно насилство, вели претседателката на НВО ЕХО, Бети Пеева. Таа посочува дека за 11 месеци, само во Штип се регистрирани три случаи на фемицид, а статистиката за насилството врз жените е уште позагрижувачка.

– Конкретно кај нас, во организацијата, која работи веќе 23 години во оваа област, се пријавени од Штип и од околината, а има и од источниот дел, вкупно 109 случаи на насилство врз жени и врз деца, односно девојчиња и ова е навистина загрижувачки факт. Ова е број само од овој дел, инаку ЕХО работи и во Пелагонискиот и во Југоисточниот Регион и ако ги собереме тие бројки, доаѓаме до некој број од 180 случаи оваа година, а годината сè уште не е завршена – изјави Пеева.

Таа додаде дека законската регулатива за заштита на жртвите на семејно насилство е солидна, постои и мултисекторска соработка, но понекогаш затајуваат институциите, односно се доцни со процедурите.

– Не се само институциите виновни за тоа, значи и самите жртви што пријавуваат, поради трендот на економска зависност, кој се зголемува од година на година, се премислуваат, се враќаат назад. Честопати пред да преземеме некоја постапка, тие се премислуваат и не сакаат да одат понатаму – рече Пеева.

Граѓанските организации што работат на ова тематика веќе подолг временски период предлагаат промена на членот 130, став 2 од Кривичниот законик, односно насилникот да не се гони по предлог на жртвата, туку по службена должност.

– Жртвата се плаши од самиот сторител, дека доколку даде нејзина согласност за кривично гонење, во меѓувреме, додека да завршат процедурите и додека да се санкционира сторителот, може да се случат уште погрозни дела – посочува Пеева.

Според анализите на граѓанскиот сектор, во 2025 година се бележи висок број пријавени случаи на семејно и ма родово базирано насилство, но сè уште не постои единствен и транспарентен систем што ќе ги следи предметите до обвинение и пресуда.

Изминатите денови, во Источниот Регион се реализираа низа работилници и средби во рамките на кампањата „Шеснаесет дена активизам против насилството врз жените“.

 

ИЗДВОЕНИ