Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Jонг Ун ќе бидат меѓу странските лидери кои ќе присуствуваат на воената парада во Пекинг, потврди кинеското Министерство за надворешни работи. Кинескиот помошник-министер за надворешни работи Хонг Леи денес изјави дека 26 странски лидери ќе присуствуваат на голема воена парада во Пекинг на 3 септември по повод Денот на победата, а како што објави Танјуг, ќе присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ.
На парадата, по повод 80-годишнината од формалното предавање на Јапонија во Втората светска војна, се очекува да присуствуваат и лидери на некои европски земји, вклучувајќи го словачкиот премиер Роберт Фицо и белорускиот претседател Александар Лукашенко. Сè уште не е официјално објавено дека Вучиќ оди во Кина, но може да се очекува, со оглед на тоа што Си Џинпинг му испрати писмо кон крајот на јули со кое го покани на парадата.
Во мај оваа година, Си Џинпинг, Вучиќ и Фицо беа меѓу странските лидери кои присуствуваа на воената парада во Москва по повод 80-годишнината од Денот на победата во Втората светска војна, на кој поранешниот Советски Сојуз даде огромен придонес во уништувањето на силите на Оската.
Објавата на кинеското Министерство за надворешни работи дојде неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да се сретне со Ким Jонг Ун и додека Белата куќа се обидува да посредува во договор за завршување на војната во Украина.