Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека има две или три лица кои би можеле да бидат кандидати на следните претседателски избори и дека размислува за тоа и се консултира.
„Мислам дека ќе имаме многу добар претседателски кандидат. Засега има две или три лица кои би можеле да бидат. Размислувам и се консултирам малку. Пуштам лажни балони на некои луѓе за да видам што мислат, а вистинскиот кандидат го имам во главата“, рече Вучиќ, пренесува Танјуг.
Откако призна дека лаже некои луѓе, тој изјави дека нема да го менува Уставот на Србија за повторно да се кандидира за претседател на Србија.
„Секако повеќе не можам да бидам претседател и немам право да бидам претседател. Србија нема да се промени поради Вучиќ, но Вучиќ е тука да ѝ служи на Србија“, нагласи српскиот претседател.
Тој исто така изјави дека Србија ќе „направи сè за да го забрза својот пат кон ЕУ“, но истакна дека тоа нема секогаш да биде лесно и дека секогаш се базира на политички консензус.
Тој додаде дека прашањата за Косово и односите со Русија се клучни политички теми во процесот на европска интеграција.
Тој, исто така, изрази надеж дека Србија ќе „има подобри односи со Соединетите Американски Држави“ во наредниот период.












