„По антивладините протести во Србија, претседателот Александар Вучиќ најави остра пресметка со демонстрантите, нарекувајќи ги „терористи“, пишува јавниот сервис ZDF и ги пренесува зборовите на Вучиќ од конференцијата во недела: „Ќе направиме сè што е во наша моќ за да го вратиме законот, мирот и редот“.
Вучиќ е опишан во извештајот како „десничарски политичар“, а цитиран е оти рекол дека на неговата влада ѝ се потребни неколку дена за да подготви „правна и формална рамка“ за одговорот на државата. „Ќе биде сосема различно од она што сте го виделе досега“, додаде тој, без да образложува. „Сепак, прогласувањето вонредна состојба не е разгледано“, објавува ZDF.
Насилни судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите се случуваат во Белград и други градови веќе пет ноќи по ред, објавува списанието Штерн, додавајќи дека „Србија со месеци доживува редовни, насилни протести против владата и корупцијата што е широко распространета во земјата“.
„Повод за настанот беше уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, во кое загинаа 16 лица“, се наведува во извештајот и се објаснува дека „протестите првично се фокусираа на причините за уривањето“, но дека подоцна „собирите, кои главно ги водеа студенти, се свртеа против владата и раширената корупција во земјата“.
Списанието „Шпигел“ на својот интернет портал објавува дека противниците на владата демонстрирале во бројни српски градови и во недела навечер. „Судири со полицијата наводно се случиле и во Нов Белград. Полицијата ги запрела демонстрантите кои се обидувале да маршираат до седиштето на владејачката Српска напредна партија (СНС). Судири беа пријавени и во вториот по големина град во земјата, Нови Сад.“
Германскиот весник наведува дека министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, кратко пред полноќ изјавил дека еден жандарм е повреден и дека 18 демонстранти се уапсени. Српските власти не дадоа детали за бројот на повредени демонстранти, пишува „Шпигел“.
Извештајот потсетува дека до минатата среда, протестите биле претежно ненасилни. „Сепак, од самиот почеток, тие собири постојано биле изложени на физички напади од организирани, а понекогаш и маскирани поддржувачи на владата на Вучиќ. Овие напади ретко биле казнувани.“
Германскиот весник наведува дека независните медиуми во Србија ја припишуваат „новата динамика на насилни немири, од кои некои биле започнати од демонстранти, на фрустрацијата на граѓаните поради неактивноста на надлежните органи во лицето на насилството на поддржувачите на власта.“
Шпигел“ го завршува својот извештај со изјава на Мајкл О’Флаерти, комесарот за човекови права на Советот на Европа, кој во петокот изрази загриженост за „несразмерната употреба на полицијата“ во Србија и ги повика властите да „ги прекинат произволните апсења и да ја деескалираат ситуацијата“.