Десетици демонстранти и неколку полицајци беа повредени вчера откако полицијата интервенираше по официјалното завршување на масовниот студентски протест во центарот на Белград, на кој беше повторено барањето за предвремени избори. Неколку минути пред 22 часот, студентите го објавија крајот на нивниот претходно мирен протест, на кој, според проценките од Архивата на јавни собири, се собрале околу 140.000 луѓе.
„Земете ја слободата во свои раце, ние веруваме во вас, имате зелено светло“, рекоа студентите на официјалниот крај од протестот на плоштадот Славија во Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека „очекува насилство“, оценувајќи дека е „невозможно некој да инвестира огромни суми пари против една земја, а барем да не се проба нешто“. Тој додаде дека „државата ќе победи“.
„Како што посочив, Србија победи и не можете да ја победите Србија со насилство, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во вчерашното обраќање до граѓаните. Србија не може и нема да запре, како што покажуваат фактите, рече Вучиќ на почетокот од своето обраќање
„Времето откако сме на власт ќе биде обележано како време кога се изградени пет пати повеќе патишта отколку во целото време од Втората светска војна. За три месеци ќе ја отвориме железницата од Ниш до Лесковац. До крајот на август, луѓето ќе можат да патуваат со воз од Белград до Суботица за еден час и петнаесет минути“, рече Вучиќ и додаде дека не престанал да привлекува странски инвеститори и дека за неколку дена ќе отвори фабрика во Западна Србија, а до крајот на годината уште неколку во Ниш.