Вучиќ: Нема да има митинг на Видовден, за три месеци физички ќе ги бранам блокадерите од гневниот народ

180

Српскиот претседател и член на Српската напредна партија (СНС), Александар Вучиќ, денес изјави дека владата нема да организира митинг на 28 јуни, на Видовден во Белград, бидејќи не сака судири со студентите во блокада кои најавија протест за тој ден.

Вучиќ, во гостувањето во Утринските вести на Радио телевизија Србија (РТС), рече дека претставниците на владата не сакаат да ги зголемуваат тензиите.

„Размислуваме за Нови Сад, без разлика дали на 28 јуни или на 5 јули. Секако сакаме да избегнеме конфликт бидејќи сме одговорни луѓе“, рече Вучиќ.

Според него, СНС никогаш не организирала контра-митинзи и нема да го стори тоа ниту на Видовден.

Вучиќ рече дека за три месеци „физички ќе ги брани блокадерите од нападот на огорчениот народ“.

Во саботата, студентите најавија дека ќе организираат протест во Белград на Видовден, а во понеделник некои медиуми објавија дека и СНС планира да одржи митинг на истиот ден.

Вучиќ повтори дека „шарената револуција“ во Србија е поразена и оцени дека земјата економски се опоравува.

„Многу сум среќен поради позитивниот развој на ситуацијата во втората половина од годината. Ќе покажеме сериозност во изградбата на Србија, автопати, научни и технолошки паркови и други проекти“, рече тој.

Зборувајќи за состојбата во високото образование, тој изјави дека одговорните „ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.

„Од оние кои го уништија нашиот универзитетски и образовен систем, до оние кои ги уништија сите други државни институции. Значи, од Радио-телевизија на Србија до обвинителството, судството, полицијата и многу други работи во јавниот сектор. Доаѓа време за одговорност и тоа, мислам, е најдобрата вест за граѓаните на Србија“, додаде Вучиќ.

ИЗДВОЕНИ