Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека изборите ќе бидат распишани пред законскиот рок, и дека не може повторно да се кандидира за претседател и дека „не му паѓа на памет“ да го промени Уставот на Србија за да може да го стори тоа.
„Дали ќе помогнам некому и ќе се борам за оние за кои мислам дека можат да ја водат Србија во иднина за да постигнат успех на изборите – секако ќе го направам тоа, а од која позиција во овој момент не е ниту тема, ниту би можел самиот да го кажам“, рече Вучиќ на прес-конференција со австрискиот канцелар Кристијан Штокер во Палатата на Србија и продолжи: „Изборите се единственото место каде што народот покажува што мисли. Имавме девет месеци не особено масовни, но сепак насилни демонстрации, а сите тие собири беа нерегистрирани и со тоа незаконски.“
Тој додаде дека, „за среќа“, „ниту австриските новинари ниту блокадите“ не се одговорни за распишување на изборите, туку српските институции, и тие ќе ги распишат изборите во согласност со Уставот и законите, веројатно пред законскиот рок. Изборите ќе покажат „што ќе каже народот и кој ќе победи“.