Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека Рафинеријата Панчево официјално ќе престане со работа во вторник доколку САД не издадат лиценца за продолжување на работата на Српската нафтена индустрија (НИС).
Тој најави дека денеска ќе се одржи „важен состанок“ за тоа како да се решат проблемите што ќе следат „бидејќи не верува дека Американците ќе се изјаснат дотогаш“.
„Убијте ме, не ја разбирам нивната логика. Имав безброј разговори со нив. Се прашувам зошто не ни даваат лиценца. Рафинеријата Панчево ќе престане со работа во вторник, а вредноста на компанијата потоа ќе падне“, изјави Вучиќ за српските медиуми.
Тој додаде дека доколку лиценцата од САД не стигне, Србија ќе мора да најде различни начини да обезбеди нафта и нафтени производи во наредниот период.
Претходно се појавија информации дека има три купувачи за купување на Српската нафтена индустрија.
Санкциите на САД против српската компанија НИС, која е под контрола на рускиот Газпром, доведоа до вонредна состојба во Србија. Санкциите против НИС беа воведени на 10 јануари, но тие стапија во сила дури на 9 октомври оваа година. Главното барање е Русите да ја напуштат сопственичката структура. Девет месеци не е пронајдено никакво решение во преговорите меѓу српските власти и Русите, бидејќи сите опции што им ги понуди Србија се отфрлени.
Само уште 4 дена до гаснење на рафинеријата во Србија, вели Вучиќ












