Вучиќ најави „чудесни“ економски мерки покажувајќи кошничка и вети: Сите ќе имаат корист!

50
Фото: Instagram Aleksandar Vučić

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес на прес-конференција презентираше дел од пакетот мерки, за кои тврди дека ќе го подобрат квалитетот на животот во Србија.

Имено, тој најави ограничување на маржите (заработката) на најголемите малопродажни синџири во земјата за три илјади производи, како и намалување на каматните стапки за готовински и потрошувачки кредити. Тој посочи дека намалувањето на маржите од 45,2 на 20 проценти првенствено ќе се однесува на прехранбени и хигиенски производи.

Според него, синџирите супермаркети „Делхајзе“, „Меркатор“, „Лидл“ и „Универекспорт“ генерираат 51 процент од вкупната малопродажба, а 48 проценти од минималната плата се генерира со продажба на храна и безалкохолни пијалоци. Зборувајќи за ограничување на маржите, тој покажа кошници со разни производи чии цени треба да бидат пониски.

„Ова се чудесни мерки што ќе ја зголемат вкупната потрошувачка и ќе им користат на обичните, посиромашни луѓе“, рече Вучиќ.

Кога станува збор за малопродажба, тој најави измени во законот за кои уверува дека ќе спречат нефер трговски практики.

Освен што вети намалување на каматните стапки, тој вети и дека ќе обезбеди кредити по поволни услови. Понатаму, тој најави дека дел од населението ќе добие попусти на електрична енергија и пониски цени на горивото.

„Нема никој што нема да има корист од ова. Верувам дека милиони граѓани ќе имаат корист. Суштински и важни мерки доаѓаат, би рекол, за 60-70 проценти од српските граѓани, ако не се лажам. Има уште многу што треба да се случи“, рече Вучиќ, пренесува Nova.rs.

Тој ги презентираше гореспоменатите економски мерки во време на најголемата политичка криза во земјата откако неговата Српска напредна партија (СНС) дојде на власт. Таа криза следеше по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, при што загинаа 16 лица. Оттогаш, протестите предводени од студенти продолжија низ цела Србија, инсистирајќи на одговорноста на владата за несреќата.

До неодамна, овие антивладини протести беа претежно мирни, но судирите меѓу демонстрантите, поддржувачите на СНС и полицијата стануваат сè почести.

ИЗДВОЕНИ