Вучиќ им порача на студентите во блокада дека „ултиматумот не е прифатен“

46
Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави вечерва, ден во пресрет на протестот во Белград на кој повикаа студентите во блокада дека „Србија не го прифати ултиматумот“.
„Српската држава била многу пати пред ултиматумите на странските големи сили. И овој пат странски сили преку домашни послушници ни упатија ултиматум. Одговорот на српската држава секогаш бил ист“, изјави Вучуќ за телевизија „Пинк“.
Пред протестот на Видовден на 28 јуни, студентите во блокада на факултетите во Белград им упатија ултиматум на властите на Србија.
Бараа исполнување на две барања – првото е распишување вонредни парламентарни избори. Второто барање е прекинување на собирот во центарот на Белград – каде што во изминатите три месеци кампуваат противниците на блокадата, кои себеси се нарекуваат „студентите кои сакаат да учат“.
Истакаа дека, доколку тие барања не бидат исполнети до 28 јуни во 21 часот, очекуваат „граѓаните да бидат подготвени да ги преземат сите постечки мерки за граѓанска непослушност“.
Откако е најавен протестот, се нижат тврдења на претставници на власта дека студентите и учесниците на протестот планираат немири на улиците.
Студентите во блокада, од друга страна, истакнуваат дека со своето досегашно дејствување покажаа дека се противат на секаков облик насилство.
Повеќе од седум месеци студентите ги предводат протестите низ земјата барајќи, пред се, да се утврди политичката и кривична одговорност за смртта на 16 лица во падот на натстршницата на Железничката станица во Нови Сад.

 

Станицата неколку месеци пред уривањето беше реконструирана и свечено отворена.

Протестите започнаа како симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија – со прашање дали до несреќата во Нови Сад придонесоа невниманието и корупцијата на системот.

 

ИЗДВОЕНИ