Вучиќ го прекинал престојот во САД бидејќи му се слошило

1289

Поголемиот дел од српските медиуми известија дека претседателот на Србија ненадејно се вратил во Србија, бидејќи му се слошило попладне по американско време.

Кабинетот на претседателот се уште нема официјално соопштено каква е здравствената состојба на претседателот.

Инаку, овој пат тоа не беше објавено ниту на официјалниот портал на претседателот.

Танјуг јави дека на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ненадејно му се слошило при посетата на САД, по што побарал лекарска помош и по прегледот решил да се врати во Србија, а веќе е на пат за Белград, пренесува N1 Загреб.

Поради ова, претседателот на Србија не се појави на главните настани за кои дојде во САД.

Според информациите на Танјуг, на претседателот Вучиќ му се слошило во раните попладневни часови по локално време. Во тој момент во просторијата со претседателот Вучиќ, подготвувајќи се за средбите, беа министерот за финансии Синиша Мали и советничката за медиуми на претседателот на Србија, Сузана Васиљевиќ.

За што точно станува збор, кабинетот на претседателот Вучиќ ќе ја информира јавноста во наредните денови.

За време на престојот во САД, студентските протести во Србија ги оцени како „тажна слика на минато време“, а потоа направи паралели со американската политика и призна дека тој како претседател има помала тежина од американскиот претседател. Тој се пожали и на Европската Унија, која ја критикува поради тоа што на 9 мај ќе оди во Москва на Парадата на победата.

„Нивното прашање е само како да ме казнат мене и Србија, а ги игнорираат глобалните кризи, како што се тензиите меѓу Индија и Пакистан или недостигот на енергија. Нивната опсесија е моето заминување во Москва“, рече тој.

Веднаш штом го најави заминувањето во Москва, од Брисел стигнаа пораки дека во тој случај патот на Србија за влез во ЕУ ќе биде потежок.

ИЗДВОЕНИ