Александар Вучиќ објави предизборно видео во кое глуми келнер што услужува семејство во ресторан.
Наместо храна и пијалаци, членовите на семејството нарачуваат исполнување на политички ветувања, а тој ги запишува нивните желби. Семејството ги изнесува своите барања на масата, а списокот вклучува автопати, повисоки плати и пензии, нови породилишта и бесплатно образование. Покрај тоа, тие бараат зачувување на Косово и продолжување на политиката без воведување санкции кон Русија.
Во видеото има и сцена во која еден од помладите членови на семејството вели дека сака „Вучиќ да си замине“. Тогаш интервенира таткото и ја пренасочува желбата на момчето кон бесплатно образование.
View this post on Instagram
Девојчето на масата бара членство на Србија во Европската Унија и НАТО, на што Вучиќ одговара: „НАТО го немаме, но имаме мир и стабилност“. Девојчето потоа ја прифаќа понудената алтернатива со зборовите: „Може“.
На крајот, кога ги прашува што би сакале за десерт, таткото нарачува стабилен курс на динарот. „Договорено“, одговара Вучиќ. Видеото завршува со сцена во која Вучиќ се оддалечува од масата, а бабата коментира: „Добар човек“.
Видеото е објавено во пресрет на предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври. Изборите се одржуваат по речиси две години антивладини протести, предводени од студенти, кои беа поттикнати од трагедијата на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, кога 16 лица загинаа при уривањето на настрешницата. Демонстрантите бараа одговорност за трагедијата, борба против корупцијата и распишување избори. Меѓу другите, на изборите ќе се натпреваруваат владејачката Српска напредна странка (СНС) и студентска изборна листа произлезена од движењето.
На 27 септември, Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Србија – седум месеци пред крајот на неговиот втор мандат – за да се вклучи во трката за парламентарните избори и да се кандидира за премиер. Еден ден подоцна, тој ги пренесе претседателските овластувања на претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, која ќе ја извршува функцијата вршител на должноста шеф на државата.
Бидејќи Уставот не му дозволува трет претседателски мандат, Вучиќ ја продолжува својата политичка активност преку парламентарната изборна кампања на СНС. Нови претседателски избори мора да се одржат во рок од 90 дена од завршувањето на неговиот мандат.












