Второ Државно квиз-првенство во Скопје: Покажете го вашето знаење во разни области

15

Македонската квиз асоцијација (МКА) го организира второто Државно квиз-првенство на Македонија, кое ќе се одржи на 14 септември, од 11 часот, во Работничкиот универзитет „Кочо Рацин“ во Скопје, отворено за сите љубители на квизот, во индивидуални натпреварувања и во двојки.

„Сите заинтересирани можат да ни се придружат на ова првенство, односно на оваа интересна и интелектуална квиз-забава, каде што можете да се натпреварувате и да го покажете вашето знаење во разни области. Единствените критериуми што натпреварувачите е потребно да ги исполнуваат е да сакаат да го покажат своето знаење, да сакаат дружба и забава и најважно, сите нешто да научиме. Ве охрабруваме, сите што имате желба да учествувате на вакви настани, да ни се придружите“, велат од Македонската квиз асоцијација и додаваат дека минатогодишните шампиони се автори на прашањата преку кои ќе се избере победникот за 2025 во Македонија.

Државното квиз-првенство на Македонија за 2025 година се состои од два настана, поединечно натпреварување и натпревари во двојки. Поединечното натпреварување се состои од пишани тестови со 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава) на кои секој учесник треба да одговори точно на што поголем број прашања, за два часа. Автор на квизот е минатогодишниот државен првак, Жан Павлов.

Натпреварите во двојки се состојат од вкупно 150 прашања кои ќе бидат распоредени во два дела. Првиот дел се состои од 100 прашања и времето за решавање е 60 минути, а по нивното прегледување, најдобрите парови учествуваат во финалниот дел, кој се состои од 50 прашања и се решава 30 минути. Поените од двата дела се собираат, со тоа што поените освоени во финалната рунда вредат двојно. Автори на овој квиз се минатогодишните шампиони Филип Гогу и Ален Калач.

Од Македонската квиз асоцијација информираат и дека организираат мноштво квиз-настани во текот на целата година и низ разни градови низ земјата, со симболична котизација за учество.

ИЗДВОЕНИ