Состојбата со ширењето на грипот и натаму е загрижувачка, бидејќи само во Скопје и по 350 деца секојдневно бараат медицинска помош против вирусот, кој сериозно го загрозува нивното здравје. Надлежните медицински органи наведуваат дека околу 120 деца се хоспитализирани во две болнички установи во метрополата, поради сериозноста на состојбата. Според нив, се чини дека ширењето на вирусот оди кон својот пик, за кој е неизвесно колку ќе трае. Тоа, пак, го отвора прашањето дали е можно да дојде до продолжување на зимскиот распуст за учениците во средните и во основните училишта, кој редовно треба да заврши на 20 јануари. Засега, од ИЈЗ изјавуваат дека се следи состојбата и дека препораката за тоа до образовните власти навремено ќе биде издадена.
Директорката на ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата во Козле, Катерина Бошковска, денеска ни изјави дека кај нив и натаму голем број деца бараат медицинска помош откако биле заразени со вирусот.
– Состојбата и сега не е променета. Денеска, како и во претходните денови, имавме 200 прегледи на деца што се жалат на симптоми на грипот. Инаку, во болницата имаме 80 хоспитализирани деца, од кои десетина се и на кислородна поддршка. Во структурата доминираат децата од претшколска возраст. Но, има многу и основци – изјави докторката Бошковска за весникот ВЕЧЕР.
Слична е дневната состојба и на Клиниката за детски болести во рамките на комплексот на клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Таму, директорот Реџеп Мемеди ни рече дека за едно деноноќие околу 100-150 деца бараат медицинска помош.
– Во втората недела од јануари 2026 год., на Детската клиника се пријавени околу 60 пациенти со симптоми на грип и состојби слични на грип, околу 40 се хоспитализирани и кај нив е изолиран вирусот на ирип инфлуенца А. Секако, расте и бројот на деца кај кои се изолира РСВ респираторниот синцицијален вирус. Главните симптоми се: висока телесна температура, кашлица, назален секрет, црвенило на очите и ба грлото, болки во мускулите, кај доенчињата отежнато дишење итн. Сите пациенти добиваат соодветен третман и препораки од медицинскиот персонал на Детската клиника. Малите деца, особено доенчињата што имаат потешка клиничка слика, со воспаление во белите дробови, се примаат на болничко лекување – вели Мемеди во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Од оваа здравствена установа препорачуваат превентивни мерки, хигиенски мерки за самозаштита – често миење раце, носење маска ако постојат симптоми на грип, витаминотерапија. Потоа консумирање повеќе течности , супа, чај итн., избегнување престој во средини каде што има многу луѓе, особено каде што има луѓе со симптоми на грип.
На прашањето дали ваквата секојдневна состојба е доволна причина за да се пристапи кон продолжување на зимскиот распуст за учениците, докторката Бошковска одговара дека наредниве денови ќе го покажат тоа.
– Се чини дека полека навлегуваме во пикот на ширењето на вирусот на грипот, при што е неизвесно колку ќе трае. Лани, поголем прилив на пациенти имавме порано, а годинава малку подоцна. Лично не сум за продолжување на распустот, но одлука за тоа ќе донесат надлежните органи, кои пошироко ја следат состојбата – вели Бошковска за ВЕЧЕР.
Надлежните од Институтот за јавно здравје неодамна изјавија дека пикот на болеста се очекува во втората половина од јануари, кога ќе почне второто полугодие од учебната година и дека ќе трае до средината на февруари.
– Засега ситуацијата е под контрола, главно, го изолираме вирусот на грип инфлуенца А, но почна да циркулира и RSV респираторниот синцицијален вирус. Во случај да расте бројот на заболени од грип, можна е препорака за продолжување на зимскиот распуст, но има уште време дотогаш – изјави Марија Андоновска, директорка на ИЈЗ.
Во периодот од 29 декември до 4 јануари, има 1.725 случаи на пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип, 2,2 пати повеќе во споредба со претходната недела, кога биле 771. Бројот на пријавени лица минатата недела, споредено со првата недела од минатата сезона (331), е зголемен за 5,2 пати. Најмногу заболени се пријавени во Скопје, 716, па во Тетово – 339, Куманово – 150, Велес – 109, Штип – 60, Дебар – 54, Гостивар – 49, Прилеп – 45, Охрид – 44, Битола – 40, Струмица – 38, а во Кавадарци, Неготино, Струга, Демир Хисар, Виница, Македонски Брод и во Радовиш бројот на заболени е помал од 30. (Б. Ѓ.)












