Денеска, во вториот круг од претседателските избори, граѓаните на Романија избираат меѓу екстремно десничарскиот евроскептик Ѓорѓе Симион и прозападниот реформист Никушор Дан, чија победа би ја задржала земјата на проевропски курс и ќе ги смири инвеститорите.
Симион, 38-годишниот водач на ултра-националистичката Алијанса за обединување на Романците, победи десет други кандидати во првиот круг од изборите на 4 мај, освојувајќи 41 отсто од гласовите на бранот на широко распространето народно незадоволство од главните партии.
Дан, 55-годишниот независен центристички градоначалник на Букурешт, освои 21 отсто од гласовите во првиот круг.
Повеќето од испитувањата на јавното мислење меѓу двата изборни круга го фаворизираа Симион, додека последното покажа дека тој и Ден биле изедначени, наведе Ројтерс.
Симион, чија победа во првиот круг доведе до пад на прозападната романска влада, се спротивставува на понатамошната помош за Украина, е критичен кон раководството на Европската унија (ЕУ) и се залага за конзервативна политика и блиски врски со движењето на американскиот претседател Доналд Трамп “Направи ја Америка повторно голема“ (МАГА).
Претседателот на Романија има одредени извршни овластувања, вклучително и командување на армијата и претседавање со Советот за одбрана, кој одлучува за воената помош и трошоците за одбрана.
Претседателот го назначува премиерот и назначува главни судии, обвинители и шефови на тајни служби, а има и влијание врз надворешната политика, бидејќи може да стави вето на одлуките на ЕУ.