Матурантите денеска ќе го полагаат вториот екстерен испит од државната матура кој е по нивни избор. Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), најголем број пријавени има за тестот по англиски јазик (13 457 ученици).
За тестот по математика се пријавиле 1246 ученици, 73 ќе полагаат германски јазик, 24 – француски јазик, 62 – естетика. За тестот по филозофија има седум кандидати, четворица за руски јазик и тројца за италијански јазик.
Првиот екстерен испит, задолжителен за сите ученици, мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, се полагаше на 31 мај.
Според податоците на ДИЦ, 9969 матуранти беа пријавени за македонски јазик, 4339 за албански јазик, 292 за турски јазик и 10 ученици за тестот по српски јазик.
За надгледување на испитниот процес, ДИЦ и оваа година ангажира околу 2000 тестатори. Испитите се полагаат во училиштата доколку исполнуваат услови согласно Правилникот за организирање државна матура, а за учениците од училишта кои немаат такви услови, полагањето е во амфитеатрите на факултетите.
За државната матура годинава се пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.
Матурантите кои во јуни нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе можат да полагаат во августовската сесија – на 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика). (Б.Ѓ.)