Исплашена и избезумена!
Пејачката Рада Манојловиќ важи за една од најсексапилните пејачки на балканската естрада. Долго време за неа кружеа трачовите дека е во љубовна врска со помладиот колега, пејачот Милан Станковиќ. Тоа се покажа како неточно, а Рада даваше изјави дека многу ѝ е жал за добриот Милан, за кој кружат несмасни приказни во врска со неговата наводна хомосексуалност.
–Знам колку беше несреќен поради тие озборувања, не поради себе, туку поради неговите родители. Се разочара буквално во сè, па среќата ја побара во еден манастир. Таму некое време се замонаши, сосема далеку од очите на публиката, новинарите и од естрадата, вели убавата Рада.
Таа деновиве престојуваше во Скопје, имаше неколку настапи и неколку гостувања на телевизиите. Сите ги изненади и ги остави без воздух кога кажа дека нејзината маќеа во дворот на нивната куќа нашла сомнителни предмети што Рада ги поврзува со магијата. Убедена е дека некој што не ги поднесува, фрлил црна магија врз нејзиното семејство. – Толку бев исплашена што мораше да доаѓа дури и Брза помош. Ми се слоши кога во дворот од терасата ги видов тие крвави бели машки гаќи. Имаше сè и сешто, дури и свеќи врзани со црвен конец. Рада цврсто верува дека ѝ е фрлена некоја тешка магија. На моменти и се расплака зашто е многу загрижена.
– Верувале или не, но јас верувам во црната магија, тоа е посилно од мене. Влашката магија е надалеку позната и секогаш успева да направи хаос кај оној на кој му е фрлена. Не знам како функционира, но, ете, дејствува. Велат дека, ако веруваш во нешто тоа ќе се оствари, па затоа сум многу исплашена и избезумена. Дури и откажав некои патувања со авион, убедена дека авионот ќе падне во океан полн со ајкули. Не гледајте ме чудно, туку разберете ме дека магијата е многу страшно нешто. Хорор! Од црквата ми кажаа тие предмети да ги однесам таму за да им направат соодветен верски ритуал. Јас им се восхитувам на сите оние што се способни да не веруваат во црната магија. Веројатно затоа ништо не им се случува!
Како и да е, нејзините обожаватели во Македонија се навистина загрижени за судбината на Рада. На пејачката ѝ праќаат пораки да биде храбра, дека нема ништо лошо да ѝ се случи. – Покрај ова црнило, пораките на моите обожаватели ми даваат надеж дека сè добро ќе заврши. Толку сум исплашена што веќе почнува да ми се одразува врз здравјето. Имам чести главоболки, дури и кога настапувам. Некогаш пијам апчиња за смирување, но лекарите велат дека претерувам. Ме советуваат да се потрудам да сум отпуштена, насмеана, распеана, комуникативна, онаква каква што ме познаваат! (Д. М.) фото:архива











