ВРЗ ОСНОВА НА ЧЕТИРИ ЗАБЕЛЕШКИ ЗА НЕГОВАТА РАБОТА: Левица поднесе интерпелација за обвинителот Коцевски

47

Интерпелација за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, поднесе вчера пратеничката група на опозициската партија Левица. Пратеникот од оваа партија, Сашко Јанчев, информираше дека е поднесена интерпелацијата врз основа на четири сериозни забелешки за неговото работење: селективна истрага, политички влијанија, институционален хаос и игнорирање на урбаната корупција.

– Коцевски ја загубил легитимноста за водење на Јавното обвинителство поради сериозни пропусти и отсуство на дејствување во повеќе значајни случаи. Првиот основ е селективната истрага за трагедијата во Кочани, каде што Обвинителството се фокусирало само на поранешни функционери, додека биле оставени актуелни носители на функции надвор од постапката. Долго се одлагаше повикувањето на осомничените, што создало можности за прикривање докази и влијание врз сведоците – потенцира тој.

Јанчев посочи на директното политичко влијание врз Обвинителството, осврнувајќи се на неодамнешните најави за смена на Коцевски, кои, според него, биле стопирани штом почнало Обвинителството да покажува интерес за постапки против кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

– Третиот основ се хаосот и контроверзиите во Вишото јавно обвинителство во Скопје, каде што, според Левица, случаи поврзани со однесувањето на обвинителите Хајрулахи и Цветановски го нарушуваат кредибилитетот на институцијата и сведочат за длабока политичка инструментализација. Не се постапува по пријавите за урбана мафија во Чаир, каде што и покрај сериозни документирани наводи за криминал од страна на градоначалникот Висар Ганиу, Обвинителството останало немо – нагласи овој пратеник.

ИЗДВОЕНИ