Од 16 до 21 јуни ќе се одржи третото издание на „Credence Dance“ фестивалот – „Вечери на класичен балет и современ танц“ во организација на Факултетот на музичка уметност-Скопје. Програмата вклучува четири тематски вечери посветени на класичниот балет и современиот танц, а покрај тоа годинава во off програмата се вклучени и работилница и трибина.
Свеченото отворање е на 16 јуни, во 20 часот, на големата сцена во Националната опера и балет со „Вечерта на класичен балет“ каде што учество ќе земат учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, студентите од насоката за класичен балет на катедрата за балетска педагогија и алумни на ФМУ подготвени од проф. Александра Мијалкова и Горан Божинов. Како ексклузивни гости ќе настапат танчари од Танцовата академија oд Пекинг. На програмата се фрагменти од бисерите на класичното наследство „Лебедово езеро“, „Рајмонда“, „Копелија“, „Дон Кихот“, „Силфида“.
Втората вечер (17 јуни, НОБ, 20 часот), пак, е посветена на современиот танц и во неа премиерно ќе бидат прикажани кореографии од Хинг Ху, Игор Киров, Бојан Мицев, Франциско Руиз, Искра Шукарова, како и танцовата инсценација на драмата „Диво месо“ во авторство на Елена Антонова-Петровиќ, Александра Кочовска-Начева и Борче Начев. Најголем дел од делата се наменски создадени за фестивалот и носат иновативна естетика и тематика.
Следните две вечери, 19 и 20 јуни, се отстапени за формата на минијатури (мала сцена, НОБ, 20 часот). Третата вечер публиката ќе проследи изведби кои се современи, експериментални и истражувачки кореографии. Последната вечер, пак, публиката ќе може да види навраќања на фрагменти и делови од постојниот репертоар со акцент на македонското творештво т.е. обновата на претставата „Велеградски варијации“ од Љубомир Бранѓолица.
На сцената на НОБ каде ќе се одржува фестивалот, покрај домашните ќе настапат и уметници од САД, Кина, Словенија, Германија, Франција, Италија, Шпанија и Велика Британија. Во дополнителниот дел (off програмата) е предвидена работилница (21 јуни, ФМУ, 12 часот) посветена на традиционалните кинески танци и ова е ретка можност за сите кои сакаат да се запознаат со тајните на оваа древна техника пренесена од вистински професионалци.
Инаку, секоја година на фестивалот традиционално се доделува Наградата за трајни вредности во танцовата уметност, која годинава постхумно е доделена на истакнатиот танчар, еден од доајените на македонската балетска уметност, долгогодишен репетитор и прв директор на Балетот на Македонскиот народен театар, Антон Баталаков (1945-2021).
„Оваа година навистина се потрудивме да креираме квалитетна, разнородна програма во која учество ќе земат врвни уметници и креативци. Нудиме проширен формат и зголемен број на тематски вечери во кои се надевам дека публиката ќе ужива“, вели за весникот ВЕЧЕР продеканката на ФМУ, проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, која е во организацијата на фестивалот.
Влезот за сите настани е слободен. (Н.И.Т.)