Претставник на италијанскиот гигант „Џунти едиторе“, поранешна директорка во „Рандом хаус“ и актуелна уредничка на британска издавачка куќа, еден од најугледните издавачи на книги за деца од Украина, шпанскиот издавач на Јосип Коцев, унгарскиот издавач на Румена Бужаровска, претставничка од ТРАДУКИ, директор на литературна агенција од ОАЕ, претставник на Интернационалната алијанса на независни издавачи и уште многу издавачи од Европа ќе бидат дел од програмата „Скопје фелоушип“, на 13. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Фестивалот ќе се одржи од 21 до 23 септември во Скопје.
Во програмата „Скопје фелоушип“ традиционално учествуваат врвни издавачи и литературни агенти од целиот свет, со цел македонската литература да се доближи и претстави пред меѓународната читателска публика. Учесниците на програмата ќе остварат средби со претставници на Македонската асоцијација на издавачи, ќе ги следат настапите на писателите и ќе учествуваат на тркалезна маса „Војни, вештачка интелигенција, литература“.
Учесници на 12. „Скопје фелоушип“ ќе бидат: Прашант Патак од Италија, Тасја Доркофикис, Иван Федечко, Марко Видал Гонзалес, Франтишек Малик, Силвија Куцоги, Ида Антонела (Дела) Пасарели, Марта Гурска, Катрин Реинма, Катажина Домањска, Аленка Урх, Александра Ц. Апостолаки, Саша Крниќ, Ана Шлосбауер и Тамер Саид. Дел од учесниците на „Скопје фелоушип“ се дел и од проектот „Нашата мала библиотека“, во која учествува и „Прозарт медиа“, организатор на фестивалот.
Како што е познато, наградата „Прозарт“ која ја доделува фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ на истакнат автор за авторскиот придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, годинава му припадна на словенечкиот писател Евалд Флисар. Флисар е најпреведуваниот словенечки писател и драматург, автор со извонреден меѓународен успех, неговите романи и драми се преведени на 40 јазици, со вкупно 270 изданија во светот. Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на свеченото затворање на фестивалот, во Даутпашиниот амам во Скопје, на 23 септември.
Освен Флисар, гости на 13. издание на фестивалот ќе бидат српскиот писател и поет Небојша Лапчевиќ, бугарската писателка Елена Алексиева, една од најпознатите словенечки писателки за млади читатели Јана Бауер, како и домашните претставнички – поетесата, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик, Лидија Димковска и Хана Корнети, писателка на проза и долгогодишна уредничка на академски и комерцијални текстови.