Врнежите добредојдени за земјоделството, времето поволно за сеидба

9

Врнежите од дожд се добредојдени во овој период, ја надополнуваат влагата во почвата и ги снабдуваaт земјоделските култури со потребното количество вода, велат агрометеоролозите.

Овие временски услови, нагласуваат, се поволни за сеидба на есенските култури која е во тек.

-Многу е важно да се запазат оптималните услови за сеидба: избор на сорта, квалитет на семе, временски услови, квалитет на почва, влага и прихрана. Само на тој начин сеидбата може да биде успешна. Времето на сеидбата има големо значење, може битно да влијае врз отпорноста на ниски температури, бидејќи директно влијае врз времето на поникнување, презимување на растенијата, а и врз приносот. Почвените услови се исто многу значајни, почвата треба да биде добро подготвена, неопходно е присуство на доволна количина лесно достапни хранливи материи, незаплевени почви со добри физички својства и умерена влажност, објаснуваат агрометеоролозите од УХМР.

Тие потсетуваат дека е во тек садењето на оделни градинарски култури, како и собирањето на преостанатите градинарски култури.

-Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Се препорачува да се применуваат правилни агротехнички мерки, снабденост на културите со потребните количества хранливи материи со што се зголемува отпорноста кон зимски мразеви, примена на сертифициран семенски материјал со добри квалитетни сортни карактеристики кој одговара на стандардите – најдобро е да се земат за сеидба од реонирани и селекционирани сорти со добра здравствена состојба, употреба на квалитетно ѓубриво и други мерки. Доколку временските услови дозволуваат, треба да се продолжи со другите агротехнички мерки. Исто така треба и да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, да се расчистат одводните канали за полесно одлевање на површинските води и заштита од нив, напоменуваат агрометеоролозите од УХМР.

ИЗДВОЕНИ