Да се укине авионската дезинсекција во населените места, а да се зголеми површината на третирање од земја, предлага раководителката на Одделението за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при ЦЈЗ, Николина Соколовска, која додава дека проблемот е генерален низ цела Македонија. Таа вели дека пет третирања против комарци се доволни во текот на годината. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, нагласува дека за да се смени состојбата, клучно е поголема контрола врз тоа како се спроведува прскањето, но голем проблем е и недостатокот на едуцирани кадри кои би можеле да го прават тоа. Граѓаните се жалат дека и покрај прскањето врие од комарци кои, освен што предизвикуваат непријатност, се пренесувачи и на сериозни заболувања
И покрај прскањето против комарци кое го спроведуваат градските власти, граѓаните се жалат дека немаат мир од нив. Реагираат поради фактот што не само што предизвикуваат непријатност по убодот – пецкање и чешање – туку и дека постои реална опасност тие да им пренесат некое заболување.
Град Скопје вршеше прскање против комарци од авион и од земја во јуни, јули и август. Од градските власти има најава дека од утре ќе се реализира дезинсекција против возрасни форми и против ларви од комарци. Дезинсекцијата од земја против возрасни форми на комарци ќе се врши до петок, од 22 до 03 часот наредниот ден, а против ларви од комарци ќе се изврши во текот на еден од горенаведените денови.
Оттука, се поставува прашањето што треба да се преземе за да се постигнат ефикасни резултати од прскањето.
Раководителката на Одделението за дезинфекција, дезинсекција и дератизација при Центарот за јавно здравје – Скопје, Николина Соколовска, вели дека проблемот е генерален низ цела Македонија. Таа додава дека пет третирања против комарци се доволни во текот на годината, но според неа, треба да се направи измена во начинот како тоа се врши.
– Авионската дезинсекција во населените места треба да се укине. Таа може да се примени на недостапни терени и при елементарни непогоди. Она што треба да се направи во град Скопје е да се зголеми површината на третирање од земја, да се стави акцент на стоечките водни површини и секоја општина добро да ја изменаџира животната средина – објасни Соколовска.
Таа додава дека обврска на општините е редовно да го одржуваат зеленилото, редовно да го собираат отпадот, но нагласува дека и граѓаните треба да се вклучат.
– Граѓаните треба да ги одржуваат олуците, како и дворните места, да не дозволат да има застоена вода во саксиите за цвеќиња итн. – нагласува Соколовска.
Со ваквите активности, според неа, би се намалила популацијата на комарци и би се намалил ризикот од појава на заболувања, но секако дека со тоа комарците не би можеле да се искоренат.
Притоа, нагласува дека Министерството за здравство секој јануари изработува Елаборат кој го доставува до општините, а во кој е јасно наведено и објаснето со која динамика треба да се спроведува прскањето против комарци, како да се избира средството за прскање и врз основа на тоа, секоја општина пресметува колку ќе ги чини.
– Град Скопје го врши прскањето за десетте скопски општини, додека седумте приградски општини тоа го спроведуваат сами според финансиските можности – наведува Соколовска.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, нагласува дека клучно за да се смени состојбата е поголема контрола врз тоа како се спроведува прскањето, но голем проблем е и недостатокот на едуцирани кадри кои би можеле да го прават тоа.
– Треба да се дадат нови специјализации и да се мотивираат луѓето да се јават кај нив. Центрите за јавно здравје имаат проблем со недостаток на кадар – нагласи Андоновска.
Епидемиологот Драган Даниловски, пак, во својот статус на „Фејсбук“ под наслов „Комарците – најсмртоносните суштества и ова лето во офанзива“ истакнува дека ни оддалеку не е доволно само да се спроведе рутинска дезинсекција (од воздух и од земја, т.н. терестрична) и да се извести јавноста со штура објава во јавните гласила.
– Никогаш не се уништува целата популација комарци. Па, макар се прскало и неколкупати во една сезона. Што значи, ризиците по здравјето се редуцираат, но и понатаму се присутни. И тие ризици ќе бидат сѐ поприсутни. Со затоплување на планетата, односно, со климатските промени, ќе се продолжува сезоната на комарци. Најсмртоносното суштество во светот ќе го прошири својот географски опсег во нови региони и повторно ќе почне да се јавува во области во кои бројот на комарци се намалувал со децении – објаснува Даниловски.
Тој додава дека екстремните климатски и временски услови како што се суши, топлотни бранови, поплави и врнежи се интензивираат ширум светот и тие обезбедуваат поволни услови за размножување на комарците и би можеле да помогнат во ширењето на вируси на поголеми географски ширини и надморски висини.
– Една неодамнешна студија, предводена од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, има предвидено дека повеќе од осум милијарди луѓе би можеле да бидат изложени на ризик од маларија и денга до 2080 година. Значи, болестите што се пренесуваат со комарци (ќе) стануваат сѐ позначаен здравствен проблем кој никако не смее да се потценува. Затоа е потребна подготовка на системот за превенција и благовремена реакција на можни предизвици – смета Даниловски, нагласувајќи дека е потребен нов пристап – координиран, системски, долгорочен, холистички пристап, нова парадигма, парадигма наречена „Едно здравје“.
Тој објаснува дека клучните елементи на пристапот „Едно здравје“ за контрола на комарци се: намалување на местата за размножување на комарците со елиминирање на застоените води, подобрување на санитарните услови и ефикасно управување со отпадот (управување со животната средина), користење на природни предатори или патогени микроорганизми на комарците, како што се ларви од риби или бактерии (Wolbachia, Bacillus thuringiensis israelensis) како алтернативи на хемиските инсектициди (биолошка контрола), комбинирање на различни методи за контрола, вклучувајќи управување со животната средина, биолошка контрола и хемиска контрола (кога тоа е потребно и со одговорна употреба), за да се постигне одржливо и ефикасно намалување на популацијата на комарци (интегрирано управување со вектори). Потоа, имплементирање на системи за следење на популациите на комарци, рано идентификување на епидемии на болести и евалуација на ефикасноста на мерките за контрола (надзор и мониторинг), едукација на јавноста за болестите што се пренесуваат преку комарци, промовирање на лични заштитни мерки (како што се употреба на репеленти, мрежи за кревети, комарници на прозорците) и поттикнување на учеството на заедницата во напорите за контрола, поттикнување на соработката помеѓу јавно здравствените установи, ветеринарниот сектор, секторот за животна средина и други релевантни сектори (меѓусекторска соработка), како и препознавање дека животните можат да послужат како резервоари за некои болести што се пренесуваат преку комарци и спроведување стратегии за управување со интеракциите меѓу комарците и животните, како што е третирање на добитокот со инсектициди (справување со животинските резервоари).
– За почеток, барем да изработиме Програма за справување со болестите што се пренесуваат со комарци и други вектори со јасно дефинирани улоги и одговорности – заклучува Даниловски.
(А.П.)