Врховен ја укинал пресудата за Васил Јованов за продажба на дрога

137

Врховниот суд ја укинал пресудата на скопска Апелација со која Васил Јованов беше осуден на три години и 10 месеци затвор за кривичното дело поседување и трговија со наркотици. Одлуката ја донел советот за казниви дела при Врховниот суд една недела пред вчерашната пресуда со која младиот Јованов беше осуден на 12 години затвор за сообраќајката во која смртно ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин во Скопје.

Врховниот суд, како што се наведува во соопштението, на седница одржана пред една недела го уважил барањето на Васил Јованов за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за поседување и продажба на дрога, што тој го поднел преку адвокат.

„Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, на седницата одржана на ден 07.05.2025 година, донесе пресуда КВП2-43/25, со која го уважи барањето на осудениот В.Ј. од Скопје, за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено преку бранителот Панче Нефтенов, адвокат од Скопје, ја укина пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-1047/24 од 05.02.2025 година и предметот го врати на второстепениот суд на повторно постапување и одлучување“, се наведува во соопштението на Врховен.

ИЗДВОЕНИ